Најновиот член на племето Cupra денес ја имаше својата официјална македонска премиера.
Новиот Terramar е најголемиот SUV во понудата на Cupra и е изграден врз најновата итерација на MQB Evo архитектурата која овозможува високо-технолошки, моќни и ефикасни погони, како и грст нови технологии.
Дизајнот на Terramar ги користи сите елементи кои се препознатливи за Cupra како бренд – агресивните форми и линии, многуте триаголни елементи и нагласените, дури преувеличени елементи како на пример широкиот преден браник и големиот заден дифузер. На предниот дел доминираат острите светла со интегрирани DRL, како и агресивната предна решетка.
Профилот е комплексен, додека на задниот дел вниманието оди кон задните светла, нагласениот заден дифузер и комплексните форми на задницата.
Сличен е пристапот и во кабината – веднаш забележуваме хај-тек решенија во форма на дигитални инструменти и голем дисплеј наменет за инфозабавниот систем и мултимедијалните функционалности, но и многу луксузни елементи – како на пример бронзените детали, извајаните спортски седишта, привлечно амбиентално осветлување и многу други елементи.
На нашиот пазар, Terramar лансира со 2-литарски TFSI турбо-бензинец во две конфигурации – едната со 204, другата со 265 коњски сили. Најавени се и други изведби, меѓу кои и 1.5-литарски TFSI, како и плаг-ин хибридна варијанта. Според официјалниот ценовник, Cupra Terramar со 2-литарски турбо-бензинец, 204 коњски сили и погон на сите четири тркала може да се добие за 41.006 Евра. Помоќниот 265-коњски Terramar е достапен во повисокото ниво на опрема VZ и чини од 45.349 Евра.
За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страница на Cupra, или пак салонот на Cupra во Скопје.