На неодамнешното патување во Шпанија имавме можност да седнеме и зад управувачот на целосно новиот Citroën C3 Aircross – кој сега е достапен и со седум седишта!
Покрај освежените C4 и C4 X, во Шпанија го возевме и целосно-новиот C3 Aircross. И ако C3 е бест-селерот на Citroën, тогаш C3 Aircross е уште попрактична, посемејна варијанта на супер-популарниот хечбек. Со новиот C3, францускиот бренд го најави и го претстави следното поглавје во својата историја, а со C3 Aircross одлучно ги потврдува одлуките и самоуверено чекори кон попрактична, подостапна и (најважно) покомфорна иднина.
И Citroën освојува нови територии. Новиот C3 Aircross е првиот автомобил (односно, поточно, кросовер-SUV) во Б-сегментот кој се нуди со седум седишта. Дали има тука некаква логика, или ова е повторно некакво француско лудило?
Робустен, самоуверен дизајн
Ајде со ред. На прв поглед, C3 Aircross изгледа и посамоуверено и поробустно од C3. Крилата се пошироки, линиите се нијанса поостри и ставот е подоминантен. Изгледа привлечно и модерно, на француски начин.
На предниот дел очите веднаш ни одат кон предните светла и цетрално-поставениот знак на Citroën. Под нив препознаваме поробустен, нијанса поисфрлен преден браник со голем отвор за воздух во долниот дел. Профилот е релативно конвенционален за SUV, но веднаш се забележува подолгото меѓуоскино растојание, кое пак го навестува фокусот кон просторност во кабината.
Кровот во бела боја е одличен контраст на долната половина на каросеријата, кровните носачи се бонус поен за практичноста, додека спојлерот пак дава доза на динамичност.
Задниот дел добива „варијација на тема C3“ третман, но повторно, со нагласен фокус кон робустност. Светлата се исфрлени кон страните, со што се истакнува широката каросерија, додека пак во долниот дел од браникот добиваме декоративен елемент во сива боја.
Насекаде околу каросеријата гледаме интегрирани „Citroën шеврони“ во дизајнот – во предниот и задниот браник, во заштитните пластики околу крилата…
Комфорна кабина, нови технологии, 5 или 7 седишта
А како е внатре? Многу слично на C3, но сепак како да е попросторно и покомфорно. Пред возачот е оној несекојдневен „хед-ап“ дисплеј кој дебитираше кај C3, додека централната конзола добива нов мултимедијален уред. Низ кабината (повторно, како кај C3) забележуваме интересен микс од материјали и текстури, и иако пластиките не се најфенси во сегментот, сепак изгледаат интересно сепак ваквиот пристап прави кабината да се чувствува топла и комфорна.
И кога сме кај комфорот – седиштата! C3 Aircross ги добива новите Citroën Advanced Comfort седишта кои добиваат неколку сантиметри дополнителна пена – и океј, тоа можеби не звучи како да е нешто радикално, но во вистинскиот свет разликата е огромна. Во нив се седи како во фотелја. А низ кабината има и многу места за складирање разно-разни ситници.
На вториот ред се препознава продолженото меѓуоскино растојание, па патниците на задната клупа ќе патуваат во комфор дури и кон подалечни дестинации. Се нагодува и аголот на задните седишта, па лесно се наоѓа комфорна патничка позиција. А тоа не носи до третиот ред… Тука веќе се препознаваат компромисите направени за да се добие SUV од Б-сегментот со седум седишта.
Да, практично е да се имаат, но бидејќи просторот за нозете е навистина ограничен, во реалноста тие се наменети за деца. Дали би препорачале да ги штиклирате кога ќе го нарачувате вашиот C3 Aircross? Оставаме на вас, но ако C3 Aircross ја има улогата на семеен транспортер во семејство со повеќе деца, тогаш третиот ред може да биде навистина практичен и корисен.
Верзијата со седум седишта наметнува и одреден компромис кога станува збор за багажниот простор. Со исправен трет ред седишта на располагање имате само 40 литри багажен простор. Преклопете ги и добивате сосем корисни 330 литри. Но верзијата со пет седишта има (за сегментот) пештерски багажник со капацитет од 460 литри, односно дури 1600 литри со преклопена задна клупа.
C3 Aircross лебди по патот, дури и кога ќе снема мазен асфалт
А како е зад управувачот? Како што и можете да претпоставите, инженерите на Citroën се концентрирале на комфорот. По супер-мазните шпански патишта, C3 Aircross како да лебди над асфалтот. А во оној момент кога ќе се потроши убавиот асфалт, работите не се менуваат драстично – C3 Aircross суверено и незасегнато проаѓа над нерамините без во кабината да пренесе никакви несакани вибрации или удари. Значи, Citroën.
Истовремено, инженерите успеале да направат малиот SUV да вози прилично уверливо. Да, во ред, тука нема спортски амбиции, но сепак суспензијата успева да го одржи автомобилот прилично хоризонтален и само при навистина остри свиоци се забележува малку понагласено навалување на каросеријата.
Бензин, хибрид или струја – одберете самите
На располагање имавме две погонски опции – хибридна и електрична. Хибридниот C3 Aircross го користи 1.2-литарскиот турбо-бензинец во комбинација со мал електромотор и мала батерија, а силата ја пренесува кон предните тркала преку автоматски менувач со двојна спојка. Електромоторот е вграден во менувачот и всушност е задолжен за тргнување и забрзување, но и за движење низ град во „тргни-застани“ ситуации. Citroën ветува импресивна ефикасност, а тоа ќе можеме потемелно да го провериме кога C3 Aircross ќе пристигне и кај нас.
Инаку, перформансите не се воопшто лоши. До 100 километри на час се пристигнува за 10.1 секунда, додека максималната брзина е 193 километри на час. Електромоторот е задолжен за спорите маневри, а бензинецот се активира кога посилно ќе ја притиснеме педалата за гас. Забрзувањето е прилично линеарно, а од предниот дел се препознава оној карактеристичен звук на моторот со три цилиндри. Покрај хибридниот погон, Citroën нуди и конвенционален турбо-бензинец со 100 коњски сили и мануелен менувач.
За оние кои се подготвени да го направат чекорот кон електричната мобилност, тука е e-C3 Aircross. Под подот се крие LFP батерија со капацитет од 44 kWh, која „храни“ електромотор со моќност од 113 коњски сили и 125 Nm вртежен момент. Инстантната испорака на моќ и вртежен момент значи дека електричниот e-C3 Aircross се чувствува изненадувачки агилен и покрај забрзувањето до 100 километри кое трае 12.9 секунди.
Максималната брзина е 140 километри на час, а автономијата со полни батерии е 300 километри. Citroën ни најави и верзија со нијанса поголема батерија која би требало да биде претставена во текот на годинава и која би требало да може да помине околу 400 километри со полни батерии.
„Раатот“ е на прво место кај Citroën.
Новиот C3 Aircross е логичен и очекуван чекор напред по одличниот нов C3. Citroën самоуверено и неуморно се фокусира на сопствените вредности и не подлегнува на трендовите. Комфорот, спокојот и „раатот“ се на прво место кај Citroën. Новиот C3 Aircross верно ги следи овие насоки, а кон целата приказна додава исклучителна семејна практичност и просторност. Всушност, како и минатиот C3 Aircross, само сега уште повеќе.
Фотографии