ПРЕМИЕРА: Porsche Cayenne GTS напаѓа со 4-литарски твин-турбо V8 и 500 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche Cayenne GTS напаѓа со 4-литарски твин-турбо V8 и 500 коњски сили!

Новите Cayenne GTS и Cayenne Coupe GTS добиваат надграден твин-турбо V8 кој сега е уште помоќен, но и компоненти од моќниот Turbo GT за врвни спортски перформанси и беспрекорни прецизност и динамика.

Ако ние се прашуваме, GTS-изведбите се златната средина кај сите модели на Porsche. Токму тоа го очекуваме и со новите Cayenne GTS и Cayenne Coupe GTS.

Најважниот новитет најверојатно е надградениот 4-литарски твин-турбо V8 кој сега испорачува моќни 500 коњски сили и 660 Nm вртежен момент – 40 коњски сили и 40 Nm повеќе од досегашниот Cayenne GTS. Секако, силата се пренесува кон сите четири тркала преку 8-брзинскиот Tiptronic S автоматски менувач и Porsche Traction Management системот. Токму овој систем е преземен од Turbo GT и има засебно ладење, што пак овозможува конзистентни перформанси при поагресивно возење.

Од Turbo GT се преземени и компоненти во предната оска, кои овозможуваат поагилно управување. Дополнително, суспензијата е пониска за 10 милиметри, Сето тоа се комбинира и со подобрените перформанси – 100 километри на час пристигнуваат за 4.4 секунди, додека максималната брзина е 275 километри на час.

Инаку, GTS изведбите на Cayenne и Cayenne Coupe ќе ги препознаете по суптилните спортски детали. Моќните SUV модели добиваат предни отвори за воздух кои се уникатни за GTS, затемнети светла и GTS значки. Интересни се завршетоците на издувниот систем кои се во темно-бронзена боја, а севкупниот впечаток го надополнуваат црните детали од Sport Design пакетот и одличните 21-инчни RS Spyder Design тркала. Cayenne GTS Coupe добива и панорамски стаклен кров како и адаптивен заден спојлер.

Нарачките се веќе отворени, а првите примероци ќе бидат испорачани веќе ова лето.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.