ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo го претстави новиот Milano! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo го претстави новиот Milano!

Alfa Romeo има нов најмал автомобил – а тоа е новиот кросовер кој го носи името Milano! А зошто е важен Milano? Меѓу другото, новиот кросовер е воедно и првиот целосно-електричен модел на Alfa Romeo!

Милано е возбудлив, иновативен и храбар град, и секогаш гледа нанапред – и токму затоа е инспирација за новиот модел на Alfa Romeo. За Alfa Romeo, Милано е извор на неисцрпна инспирација, а новиот Milano е вистински Alfa Romeo, во урбан костум.

А костумот на Milano е несекојдневен и динамичен. На предниот дел вниманието оди веднаш кон централно-поставеното Scudetto лого на Alfa Romeo, но и широките, повеќеслојни предни светла и длабокиот преден браник. Профилот е динамичен благодарение на мускулестите форми, но и издвоениот кров. Задниот дел влече инспирација од Giulia Zagato и најзабележливиот дел е токми големиот лак кој се протега од едниот до другиот крај и во кој се кријат светлосните елементи.

Достапни ќе бидат неколку различни погонски опции – има две целосно-електрични опции, основната со 156 коњски сили или Veloce со одлични 240 коњски сили, како и хибридна верзија со 136 коњски сили, погон на предните тркала или Q4 погон на сите четири тркала.

Можноста купувачите самите да изберат била водечка за дизајнерите и инженерите на Alfa Romeo. Milano Veloce добива и поширока трага, надградена суспензија и сопирачки и поцврсти стабилизатори. Добива и механички, само-заклучувачки диференцијал – сè во насока на подобро и подинамично управување.

Milano Electrica користи компактна батерија со капацитет од 54 kWh, која пак овозможува автономија од над 400 километри, но и брзо време на полнење – помалку од 30 минути за полнење од 10 до 80%. Секако, Milano добива и грст нови технологии – од специјалниот систем за навигација наменет за електричната верзија, па сè до системите за асистенција и новиот виртуелен асистент кој користи ChatGPT.

Кабината на Milano е типична за Alfa Romeo – спортска, динамична и привлечна. Веднаш ги забележуваме новите дигитални инструменти, но и централно-поставениот мултимедијален уред и спортските седишта кои изгледаат одлично. Дизајнерите на Milano се особено горди на деталите – како на пример отворите за вентилација кои се во форма на детелинка со четири листа.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Нарачките за специјалните Milano Electrica Speciale и Milano Hibrida Speciale ќе бидат отворени во Италија уште утре, а наскоро ќе започнат и во останатите европски земји.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.