Каква е состојбата со „вратените километри“ на користените автомобили во Македонија? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Каква е состојбата со „вратените километри“ на користените автомобили во Македонија?

Неретко се дискутира темата за „вратена километража“ при купување користено возило – па водени од желбата да дознаеме повеќе околу вистинската состојба решивме малку да истражуваме токму на оваа тема.

Дискусијата ќе ја започнеме со една неизбежна вистина – а тоа е фактот дека бројката на поминати километри може да биде намалена е нешто што треба безмалку да се очекува кога се купува користено возило. Сите ние сме слушнале вистински хорор-приказни за вратени километри, но обично тоа се сведува на рекла-казала муабети. За да избегнеме рекла-казала туку да наведеме вистински примери, дискутиравме со нашите пријатели од МК Ауто Експертиз – и дојдовме до навистина запрепастувачки информации.

Но пред да зборуваме за бројки, ајде да се осврнеме на законските последици (или недостатокот на истите) за враќањето километри. На пример, доколку бидете осудени за враќање километри во Шпанија или Италија, ќе добиете затворска казна од 6 месеци до 3 години. Во Хрватска и во Полска е до 5 години, а во екстремни случаи во Хрватска законите дозволуваат и до 8 години затвор! Не се ниски ниту паричните казни – во Словачка каде затворската казна е до 2 години, осудениот ќе се соочи и со казна до 50.000 Евра. Во Австрија и Холандија казната е до 1 година затвор и до 10.000 Евра.

Кај нас во Македонија точно-дефинирани казни за враќање километри не постојат. Правниците со кои се советувавме ни рекоа дека враќањето километри со цел да се измами купувач евентуално би можело да се гони токму како измама – но и тоа не е баш точно регулирано.

И сега, што точно се случува кај нас? Побаравме одговор од МК Ауто Експертиз кои се занимаваат со детална инспекција и контрола на користени возила, а дел од инспекцијата е и детална проверка на изминатите километри во повеќе системи кои се дел од автомобилот. Добивме неколку примери, а некои од нив се навистина неверојатни.

На пример, тука е еден германски седан кој иако на борд-компјутерот прикажува 208.000 поминати километри, всушност поминал безмалку 335.000 километри. Или пак јапонски седан кој прикажува 179.000 километри а всушност поминал 470.000 километри!

Сакате уште? Нема проблем – имаме пример за автомобил кој иако поминал 860.000 километри, на борд-компјутерот прикажал „само“ 260.000 километри.

Но вистинскиот рекордер е возило кое било донесено на проверка и кое на борд-компјутерот прикажувало 253.000 километри – а всушност навистина поминало повеќе од 1.600.000 километри! Да, 1.6 милиони километри!

Генералниот Менаџер на МК Ауто Експертиз – Енес Нумановиќ ни кажа дека има многу обиди за криење на вистинската километража на возилата и некој со доволно знаење и доволно (скапа) опрема можеби ќе успее да ги скрие вистинските километри – но обично успеваат лесно да ги откријат „скриените“ километри. Напоменува и дека неретко потенцијалните купувачи и кога ќе дознаат дека километрите се вратени, сепак се одлучуваат да го купат возилото кое го гледаат, ако останатите аспекти се добри.

Сепак – вистината е дека користените возила со вратени километри се насекаде околу нас и дека треба „очи да отвориме“ при купување користен автомобил. Да не случајно ни влета и нас некој „рекордер“.

Дополнување 23.02.2024: Добивме информација дека бројката 1609343 кај некои модели на Mercedes може да индицира манипулација со бројката на изминати километри и дека е пре-дефинирана вредност која се зачувува во одредени системи – но сепак е директна индикација за некаква манипулација со бројката на изминати километри.

Насловна фотографија: Malte Luk / Pexels



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.