ПРЕМИЕРА: Porsche ја претстави новата, трета генерација на Panamera! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche ја претстави новата, трета генерација на Panamera!

Пред само неколку моменти Porsche ја откри најновата, трета генерација на Panamera – која покрај новиот дизајн и високо-технолошката кабина има и проширена понуда на E-Hybrid хибридни погони и врвен нов систем за активна воздушна суспензија.

Новата Panamera добива нов лик, со редизајнирани предни светла, нов, подинамичен браник и агресивни отвори за воздух. Matrix LED предните светла сега се стандарден дел од опремата, а нивната форма убаво прилега на исфрлените странични крила. Забележуваме и нови странични отвори за воздух, заострени стаклени површини и редизајниран заден дел со едноделен светлосен елемент и нагласен заден браник со интегриран дифузер. Сè на сè, новата Panamera влече директно од минатата генерација – но дизајнот е заострен, модернизиран и некако… Сајберпанк!

Важен новитет кај новата Panamera е новата Active Ride суспензија достапна кај E-Hybrid моделите. Овој иновативен нов систем вклучува активни амортизери, електрично-контролирана хидраулична пумпа и еднокоморна воздушна суспензија која цело време го „порамнува“ автомобилот додека истовремено ги впива сите нерамнини од патот. Според Porsche, токму овој систем овозможува распон на прилагодување меѓу комфорот и динамичното возење. Истовремено, системот автоматски ја прилагодува и дистанцата од подлогата во зависност од режимот на возење додека новиот Comfort Access систем ја подигнува панамера за цели 5.5 сантиметри за полесно влегување во и излегување од кабината.

Кога сме кај кабината – веќе знаеме дека Panamera добива кабина која е инсприрана од Taycan и може да има три екрани. Пред возачот е псотавен 12.6-инчен дигитален инструмент панел, на централната конзола има уште еден екран наменет за мултимедијалните контроли и функционалностите во автомобилот, додека пред совозачот е поставен 10.9-инчен екран. Контролерот за менувачот е поставен до управувачот, со што на централната конзола се ослободува повеќе простор.

Сега можеме да зборуваме малку и за погоните. Новата Panamera е достапна со четири електрифицирани E-Hybrid погони – сите нудат зголемена моќност и подобрена ефикасност, како и уште поголема автономија на електрична енергија. Panamera Turbo E-hybrid има преработен твин-турбо V8 кој во соработка со електромотор (со моќност од 190 коњски сили) и батерија со капацитет од 25.9 kWh нуди системски 680 коњски сили и 930 Nm вртежен момент и овозможува спринт до 100 километри на час за само 3.2 секунди, како и максимална брзина од 315 километри на час. Оваа комбинација овозможува и автономија на електрична енергија до 91 километар. Сега за сега, Porsche објави детали само за оваа електрифицирана погонска опција – најавува повеќе детали наскоро.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новиот Taycan забрзува побрзо од сите модели на Porsche во историјата

Истовремено, Porsche ги најави и новите Panamera и Panamera 4 кои користат 2.9-литарски турбо V6 кој испорачува одлични 353 коњски сили и 500 Nm вртежен момент – ова овозможува спринт до 100 километри на час за 5.2 секунди кај Panamera, односно 4.8 секунди кај Panamera 4 и максимална брзина од 272 односно 270 километри на час.

Новата Panamera ќе се произведува во фабриката на Porsche во Лајпциг (која ние ја посетивме на почетокот на оваа година кога го посетивме Porsche центарот во Лајпциг за да го возиме новиот Cayenne). Нарачките се веќе отворени, а првите примероци се очекуваат веќе во првата половина од следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.