Иднината на GT-R е електрична – Nissan го претстави електричниот HyperForce! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Иднината на GT-R е електрична – Nissan го претстави електричниот HyperForce!

Hyper Force е целосно-електричен концепт кој располага со 1000 kW, односно 1360 коњски сили!

Концептот е сега за сега само концепт, но колку и да сака Nissan да ја скрие асоцијацијата со GT-R – генерациската врска со GT-R е едноставно неизбежна и избива од сите агли на футуристичкиот електричен спортски автомобил.

Покрај неверојатните 1360 коњски сили, концептот ја добива и е-4ORCE технологија за контрола и пренос на сила на сите четири тркала. Дополнително, многу внимание е посветено на лесните материјали и лесната конструкција – па сакале фановите да признаат или не – ова е најверојатно иднината на Nissan GT-R.

Според Nissan, концептот сака да им биде привлечен како на автомобилските ентузијасти, така и на гејмерите. Јапонскиот бренд не објавува детали околу перформансите на Hyper Force, но нагласува дека е постигнат идеален баланс на тежината и дека е користено многу, многу карбон – дури и тркалата се карбонски.

Но една интересна нескриена врска со GT-R се двата различни режими на работа на овој концепт – GT за Grand Touring и R за Racing. Па тоа е GT-R, нели?

Радикално е и во кабината – адаптивниот дисплеј е развиен заедно со Polyphony Digital (компанијата која го прави Gran Turismo серијалот) и во R режим на возење амбиенталното осветлување е црвено додека панелите се приближуваат кон возачот за директно да му ги покажат најважните информации. Во GT режим панелите се вовлекуваат наназад, кабината станува сина и пред возачот се поставени поедноставни инструменти.

Но вистинското изненадување за гејмерите е можноста кога автомобилот е паркиран, со користење на специјална кацига и управувачот и педалите од автомобилот да се вози во виртуелни трки! Комплетно гејмерско искуство!

Поврзано:  Nissan развива боја која ја рефлектира топлината

И сега, дали е ова наследникот на GT-R? Најверојатно – ги препознаваме дизајнерските детали од минатите генерации на Godzilla, но и поврзувањето со Gran Turismo и Playstation – нераскинливи врски кои јапонските технолошки гиганти ги зајакнуваат со години. Дали сето ова значи дека следниот GT-R ќе биде електричен и ќе има повеќе од 1000 коњски сили? Не би биле воошто изненадени…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.