ПРЕМИЕРА: Audi ги претстави освежените Q8 и SQ8 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi ги претстави освежените Q8 и SQ8

Големиот купе-SUV на Audi добива затегнат дизајн со ласерски предни светла и задни светла со врвна OLED технологија

Визуелните измени започнуваат со предниот дел каде моќната Singleframe предна решетка добива осмоаголна мрежа за Q8 и SQ8, а од Audi кажуваат дека големата предна решетка е сменета со цел да го издвои големиот купе-SUV од А-моделите и да потенцира дека е на самиот врв на хиерархијата на германскиот бренд. Забележуваме и поголеми отвори за воздух во страниците од предниот браник.

Но вистинскиот новитет на екстериерот се новите предни светла. Можете да добиете „обични“ LED предни светла, или пак Matrix LED предни светла. На самиот врв се новите HD Matrix LED фарови кои имаат ласерско светло за „долгите“. Овој сноп автоматски се вклучува при брзини повисоки од 70 километри на час, а самите елементи имаат четири различни светлосни потписи.

Задниот дел добива нови задни светлосни групи кои користат врвна OLED технологија налик на онаа кај големиот A8. Од Audi напоменуваат дека новите светла не само што ги имаат стандардните секвенци за отклучување, заклучување, за трепкачите и постоечката Coming Home функција, туку истовремено ја подобруваат безбедноста – во ситуации кога Q8 е статичен и друг автомобил му се приближни на поблиску од два метри, сите OLED елементи ќе се активираат истовремено за големиот SUV да биде што е можно позабележлив.

Визуелните измени ги заокружуваме со три нови бои – Chili Red, Ascari Blue и Sakhir Gold, како и пет нови дизајни за тркалата (со дијаметар од 21 до 23 инчи). За кабината на вашиот Q8 ќе можете да одберете меѓу девет различни декоративни пакети и неколку нови избори за материјали.

Купувачите во Европа ќе имаат на располагање две погонски единици – бензинскиот Q8 55 TFSI со 3-литарски твин-турбо бензинец кој испорачува 335 коњски сили и 500 Nm вртежен момент и овозможува забрзување до 100 километри на час за 5.6 секунди и максимални 250 километри на час. Секако, тука е и популарниот 3-литарски турбодизел во две конфигурации – 45 TDI располага со 231 коњскa силa и 500 Nm вртежен момент, додека 50 TDI располага со 286 коњски сили и 600 Nm вртежен момент и забрзува до 100 километри на час за 6.1 секунда.

Секако, на самиот врв е моќниот SQ8 кој користи 4-литарски твин-турбо V8 TFSI кој испорачува моќни 507 коњски сили и 770 Nm вртежен момент. SQ8 забрзува до 100 километри на час за само 4.1 секунда и достигнува (електронски ограничена) максимална брзина од 250 километри на час. Со цел да овозможи подобра ефикасност, четири од осумте цилиндри можат автоматски да се деактивираат.

Освежените Q8 и SQ8 ќе бидат достапни за нарачка ширум Европа од крајот на овој месец.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.