Среќен Porscheден – Се одржа Porsche Driving Experience 2023! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Среќен Porscheден – Се одржа Porsche Driving Experience 2023!

Porsche Македонија повторно беше домаќин на Porsche Driving Experience караванот кој оваа година ни овозможи повторно да седнеме зад управувачот на неколкуилјадната ергела од Штутгарт!

Секоја шанса да се седне зад управувачот на Porsche е добредојдена. Кога таа шанса вклучува 10 различни модели со вкупно неколку илјади коњски сили, тогаш шансата е фантастична! Веќе стана своевидна традиција еднаш во годината Порше Македонија да биде домаќин на Porsche Driving Experience и ние да бидеме меѓу неколкуте среќници поканети да бидат дел од овој (би рекле свечен) настан.

Агендата ни е веќе позната – започнуваме во Porsche Центарот во Скопје каде домаќините и инструкторите Tobia и Ricardo ни ги претставија возилата, ни ја објаснија рутата и ни ги дефинираа правилата за учество. Секако, зборуваме за автомобили кои имаат по неколку стотици коњски сили, па безбедноста како и секогаш е на прво место – едноставно, нема простор за импровизации и небезбедно возење. По крактиот брифинг, ја дознаваме нашата финална дестинација и седнуваме во автомобилите. Оваа година наша цел е хотелот Радика во Маврово а по пат и на враќање ќе имаме можност да пробаме неколку различни автомобили.

Оваа година на располагање имавме Cayman во Style изведба, Boxster GTS 4.0, неколку различни изведби на електричниот (и супер-моќен) Taycan, по еден примерок од Panamera и Macan, и секако – легендарниот 911 кој ни беше достапен во неколку различни конфигурации. Од „основниот“ со „само“ 385 коњски сили, па сè до врвниот 911 Turbo S со 650 коњски сили!

Нашето патување го започнуваме зад управувачот на Taycan 4S Cross Turismo а колоната од 10-тина Porsche возила едноставно не може да не го привлече вниманието. Добиваме палец нагоре од минувачи на патот и други возачи околу нас и сите сакаат да ги видат автомобилите. Како што се движиме кон нашата дестинација и ги менуваме автомобилите, мобилни телефони излегуваат од џебовите на случајните минувачи и сите го фотографираат и снимаат несекојдневниот поглед. Неколкумина похрабри дури и се приближуваат до автомобилите нè прашуваат „што е ова?“.

Поврзано:  Дали новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се најдоброто од спортскиот седан на Porsche?

Од Taycan Cross Turismo влегуваме во 718 Cayman и дури и „основниот“ модел покажува дека може да понуди забава. Неговиот 2-литарски турбо-боксер испорачува одлични 300 коњски сили а Style пакетот и фантастичната Ruby Star Neo боја едноставно го истакнуваат меѓу останатото сивило кое доминира на нашите улици. По 718 Cayman одиме во 718 Boxster GTS 4.0 кој е на друиот екстрем на понудата – 4-литарскиот врескачки атмосферец кон задните тркала преку PDK менувач испорачува 400 коњски сили и едноставно моли да биде „завртен“ до максималните 7800 вртежи во минута. Уживање за очи, но особено за уши!

Потоа одиме во „основниот“ 911 Carrera Cabriolet. Неговиот 3-литарски турбо-боксер со шест цилиндри нуди одлични 385 коњски сили а отворениот кров овозможува максимално уживање за сите сетила. Токму зад управувачот на 911 Carrera Cabriolet се движиме безмалку до крајот на правецот меѓу Тетово и Гостивар каде ја правиме следната промена и седнуваме зад управувачот на големата, луксузнa Panamera GTS Sport Turismo.

Токму во Panamera GTS Sport Turismo се движиме околу Мавровското езеро и пристигнуваме на нашата финална дестинација – хотелот Радика. Луксузниот амбиент на хотелот совршено одговара на автомобилите на Porsche, а „на лице место“ имаме прв контакт со новиот Cayenne на наш, домашен терен. Ние веќе многу добро го познаваме новиот Cayenne бидејќи веќе имавме можност да го возиме во рамките на Porsche центарот во Лајпциг.

По кратката пауза за ручек и презентацијата на новиот, уште полуксузен и подинамичен Cayenne, време е да тргнеме назад кон Скопје.

Патувањето го продолжуваме во Macan S – малиот SUV на Porsche кој изненадува со неговата агилност и подготвеност да понуди вистинско уживање зад управувачот. Од Macan S се префрламе во Taycan Turbo кој повторно (и повторно и повторно) успеа да нè потсети и да ни покаже што точно значат 680 електрични коњски сили!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Turbo 50 Years Edition во чест на 50 години Turbo!

Забрзувањето на Taycan е неуморно и незапирливо – и оние кои кажуваат дека електричните автомобили се здодевни… Мора да се шегувате! Еквивалентни перформанси нуди и Taycan Turbo Cross Turismo, а како „крај“ на приказната ни остануваат 911 Targa 4S и доминантниот 911 Turbo S.

911 Targa е една од најпривлечните изведби на 911 токму заради Transformers механизмот кој овозможува цврстина на тврд покрив и можност за уживање во возењето под отворено небо. Ова е најверојатно омилената изведба на 911 за многумина, токму поради нејзината мултиталентираност…

Но кога веќе зборуваме за таленти – вистинскиот хит неизбежно е 911 Turbo S. Неговите 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент нудат искуство кое ќе ви ги „реорганизира“ внатрешните органи. Всушност, ова е најверојатно еден од најбрзите point-to-point автомобили на планетата и дури и автомобили кои се неколкукратно поскапи од (прифаќаме, веќе скапиот) 911 Turbo S не можат да ги надминат неговите перформанси.

Пристигнуваме во Скопје. Впечатоците се силни, адреналинот е покачен, влакната на рацете гордо исправени. Секоја шанса да се вози Porsche е добредојдена, но ова… Ова е нешто поинакво. Повторно, би сакале да им се заблагодариме на нашите домаќини од Порше Македонија за поканата и за можноста повторно да бидеме дел од еден ваков ексклузивен, моќен и супер-моќен конвој.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.