ТЕСТ: Nissan Juke 1.6 Hybrid Tekna – Екстровертен градски штедливец. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Nissan Juke 1.6 Hybrid Tekna – Екстровертен градски штедливец.

Новиот Juke не е за оние кои сакаат да поминат незабележани, но каков е во комбинација со супер-модерниот и супер-ефикасен хибриден погон?

Кога пред нешто повеќе од три години, за прв пат седнавме зад управувачот на тековната генерација Juke, рековме дека јапонскиот кросовер не е за секого, особено не за оние кои не сакаат да бидат забележани. Juke е екстровертен, контроверзен и супер-современ – а тоа го прави идеален кандидат за комбинирање со интересен, комплициран и напреден хибриден погон.

Ни се допаѓа втората генерација на Juke. Јапонскиот кросовер изгледа наметливо и самоуверено – како да доаѓа од сосем друга планета. Всушност, би рекле дека ова е можеби најхрабриот дизајн во овој сегмент во моментов. Nissan не се плаши да биде самоуверено иновативен – и тоа се забележува највеќе токму кај Juke.

Juke е кросовер, но формата му е нагласено купеовска

Да, Juke е кросовер – но формата му е нагласено купеовска. Предниот дел е издолжен, со истакнати светлосни компоненти со повеќе делови, профилот е динамичен благодарение на острите карактерни линии и лебдечкиот кров, додека купеовската форма дополнително ја нагласуваат скриените задни рачки. Сликата за современ урбан кросовер ја надополнуваат одличните големи тркала, не-баш-дискретниот заден спојлер и широките странични прагови. Едноставно – Juke не може директно да се спореди со ниту еден друг модел.

Juke Hybrid е погонуван од вуду-магија

Она што е важно кај оваа изведба на Juke е хибридниот погон на јапонскиот кросовер. Подготвени за вуду-магија?

Приказната за овој погон започнува со 1.6-литарски атмосферски бензинец развиен специјално за имплементирање во хибриден систем. Бензинецот испорачува 94 коњски сили и 148 Nm вртежен момент и соработува со два електромотори – едниот со моќност од 49 коњски сили и 205 Nm вртежен момент, вториот со моќност од 20 коњски сили кој истовремено работи и како стартер-генератор. Електричната енергија се складира во мала батерија со капацитет од 1.2 kWh поставена во багажникот. Батеријата е мала и има засебен систем за водено ладење со цел да се одржува во идеален режим на работа во сите услови.

Вкупната, системска моќност е 143 коњски сили и 148 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон предните тркала преку 4-брзински автоматски менувач дедициран за моторот со внатрешно согорување и 2-брзински менувач наменет за електромоторот. Овие два менувачи функционираат синхронизирано, како да е еден менувач со шест брзини. Нема класична спојка ниту прстени за синхронизација – сето ова овозможува менувачот да е што е можно поефикасен. Juke секогаш стартува „на струја“, а брзините од електромоторот се користат за да се синхронизираат брзините од бензинецот. Збунети? Ви рековме, вуду.

И како функционира сето ова? Од Nissan сакаат да кажат дека електрониката која користи лекции научени од Формула 1 сето тоа „го пегла“ и сè работи мазно – и ќе кажеме дека воглавно е така. Оставен „сам да си ја брка работата“, алгоритмот на системот прилично успешно ги одбира брзините а менувањето е скоро незабележливо. Системот е дефинитивно ориентиран повеќе кон комфор и мазно возење а не кон хулиганско забрзување. Одвреме-навреме системот знае малку да се збуни и звукот кој доаѓа од под предниот поклопец како да не соодветствува со перформансите кои во тој момент ги барате од Juke – но вистината е дека не можеме да ја негираме ефикасноста на системот.

Од Nissan кажуваат дека до 80% од урбаното возење може да се одвива на електрична енергија. Како? Па батеријата е мала и брзо се полни и празни – а тоа овозможува во урбаната џунгла и ( особено во добро-познатите) тргни-застани ситуации да се движите на струја. А тоа значи дека потрошувачката на бензин е импресивно мала.

Официјалните податоци зборуваат за потрошувачка од само 5.2 литри на 100 изминати километри. Ние измеривме нешто повисока потрошувачка од ситно над 6 литри на 100 изминати километри – но тоа повторно е импресивно со оглед на тоа дека надворешните температури за време на нашиот тест беа степен-два пониски од температурите на површината на сонцето.

Хибридниот Juke е побрз од „обичниот“

Ајде сега на сето тоа да ги додадеме и перформансите. Од Nissan кажуваат дека забрзувањето до 100 километри на час трае 10.1 секунда, но во реалноста тоа е многу поуверливо – благодарение на скоро-инстантната реакција на електромоторот се чувствува дека Juke е побрз од тоа. Урбаниот спринт од семафор до семафор не е никаков проблем за Juke, а не е проблем ниту излегувањето на автопат каде Juke лесно си го наоѓа темпото и комфорно крстосува на автопатски брзини. Максималната брзина е 166 километри на час.

Префрламе во Sport и се упатуваме кон свиоци. Тука (повторно) Juke нè импресионираше со неговата неутралност. Каросеријата останува рамна дури и при поагресивно влегување во свиоци, а поголемите пневматици дефинитивно придонесуваат кон поуверливо „држење“ на асфалтот. Интересна трансформација се случува кога ќе го притиснете e-Pedal прекинувачот поставен меѓу возачкото и совозачкото седиште – тогаш Juke можете да го возите како електричен автомобил, само со една педала. Регенеративното сопирање успева скоро целосно да го сопре Juke и само при целосно застанување ќе треба да ја допрете педалата за сопирачките.

Современа кабина, многу опрема, звучници веднаш до главите на возачот и совозачот

Инаку, кабината на Juke е идентична како кај не-хибридниот модел – и навистина, нема зошто да има разлики. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција и прегледноста (освен кон задниот дел, но тоа е цената која треба да се плати за купеовската форма на Juke) е одлична. Материјалите во кабината се генерално добри, но имаме забелешка на некои од пластиките кои се нијанса потврди од она кое би го очекувале.

Нашиот тестен модел дојде во врвното ниво на опрема кое се вика Tekna – а меѓу другото, тоа значи дека добиваме седишта обвиени во имитација на кожа, поквалитетни и поинтересни материјали во кабината и грст други додатоци. Несекојдневно парче опрема кое ќе го истакнеме е BOSE Personal Plus аудио системот со звучници вградени во потпирачите за глава на возачкото и совозачкото седиште. Овој систем нуди интересно и уникатно аудио искуство бидејќи звукот ви е „баш тука“.

Замерка? За жал, кај хибридниот Juke багажниот простор е нијанса помал во однос на Juke опремен со конвенционален мотор – токму поради батеријата. Кај конвенционалниот Juke на располагање имате одлични 422 литри, додека кај Juke Hybrid багажникот е со капацитет од (сè уште прилично добри, во контекст на класата) 354 литри. Преклопете ја задната клупа и на располагање ќе имате 1237 литри.

Убавината на електрификацијата е дека нуди многу начини да се подобри ефикасноста

И сега, каков е заклучокот за хибридниот Juke? Со оглед на тоа дека нуди подобри перформанси од Juke со конвенционален мотор, а истовремено и пониска потрошувачка за околу 20-25% – навистина нема многу причини да не се препорача хибридниот јапонски кросовер во однос на неговиот конвенционален брат. Да, хибридниот погон кај Juke е комплициран, но токму во тоа е убавината на електрификацијата – има многу различни начини да се подобри ефикасноста, а ваквиот несекојдневен погон совршено му одговара на идентично-несекојдневниот Juke.

Спецификации

Модел: Nissan Juke 1.6 Hybrid Tekna
Мотор: 1.6-литарски атмосферски бензинец + два електромотори
Моќност: 143 коњски сили / 5600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 148 Nm (бензински мотор) 1750 вртежи во минута + 205 Nm (електромотор)
Менувач: Автоматски, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.1 секунда
Максимална Брзина: 166 километри на час
Должина: 4210 mm
Ширина: 1983 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1595 mm
Тежина: 1296 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2636 mm
Багажен Простор: 422 – 1305 литри
Потрошувачка: 6.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Nissan Juke 1.0 DIG-T 114 Visia – 25.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Nissan Juke 1.6 Hybrid Tekna – 40.800 Евра
Повеќе Информации: Nissan.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.