Специјалното, славеничко Polo GTI ќе биде произведено во само 2500 примероци и ќе доаѓа со многу опрема и надградена суспензија.
Првото Polo GTI се појави во (сега веќе) далечната 1998-ма година, па Volkswagen одлучи да го прослави овој јубилеј со специјална изведба на тековната генерација на спортскиот хечбек. Најважната измена е надградената суспензија која сега е 15 милиметри пониска и која ветува уште подобро управување.
Погонот е неизменет – а тоа значи 2-литарски TFSI турбо-бензинец кој испорачува 207 коњски сили и 320 Nm вртежен момент кон предните тркала преку 7-степен DSG менувач. Сето ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 6.5 секунди како и максимална брзина од 210 километри на час.
Инаку, Polo Edition 25 ќе го препознаете преку славеничките налепници, како и новата Ascot Grey сива боја. Стандардно ќе доаѓа со IQ.Light Matrix LED предни светла, како и 18-инчни тркала во црна боја. Црни се и кровот и страничните ретровизори, додека шепите на кочниците се во црвена боја.
Кабината добива спортски седишта обвиени во перфорирана кожа со црвени детали и GTI ознаки. Во кабината ќе најдете и грст значки кои ја означуваат 25-годишнина на моделот и многу, многу технологија.
Среќен роденден Polo GTI!