ПРЕМИЕРА: ID.7 е новиот електричен знаменосец на Volkswagen, може да помине до 700 километри со полни батерии! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: ID.7 е новиот електричен знаменосец на Volkswagen, може да помине до 700 километри со полни батерии!

Volkswagen го претстави новиот електричен знаменосец на три истовремени премиери ширум светот!

Новиот ID.7 ќе пристигне на пазарот веќе до крајот на оваа година, а самиот факт дека Volkswagen го претстави електричниот знаменосец истовремено во Европа, Кина и САД зборува за тоа колку е всушност важен овој автомобил.

Истовремено, ID.7 е првиот модел поставен на MEB платформата кој добива сосем нов електромотор. Без разлика на одбраната батерија, сите верзии на ID.7 ќе го добијат електромоторот со ознака APP550 кој испорачува 210 kW, односно 286 коњски сили. Погонската единица е развиена во соработка со Volkswagen Group Components во Kassel, Германија, а таму и ќе се произведува.

Инаку, долгиот електричен седан е всушност фастбек (или хечбек) со пет врати. Многу внимание е посветено на аеродинамиката, а дизајнот го карактеризиираат едноставни и чисти форми. На предниот дел забележуваме светлосни елементи кои се еволуција на дизајнерскиот пристап кој дебитираше кај ID.3, а под нив има браник со нагласени аеро-елементи кој го насочува воздухот – и сето ова придонесува ID.7 да има коефициент на отпор на воздухот од само 0.23.

Профилот е низок со нагласена карактерна линија и „испеглани“ рачки од вратите. На задниот дел забележуваме дискретен заден спојлер и широк едноделен светлосен елемент.

Во кабината преовладува чувство на светлина и просторност. Пред возачот е поставен минималистички дисплеј на кој се прикажуваат само најважните информации, додека на централната конзола едноставно доминира големиот 15-инчен екран кој се користи за инфозабавните функционалности, навигацијата, итн.

Дополнително, пред возачот има поставено систем за надградена реалност кој на ветробранското стакло проктира потребни информации и инструкции. Секако, достапни се и многу други врвни технологии – од системи за автономно возење и автоматско паркирање, па сè до премиум аудио уред од Harman Kardon. Во ID.7 ќе се вградува и напреден клима-уред кој ќе почне да работи кога ќе му се приближите на автомобилот, ќе добие и врвни седишта со масажа, итн…

Поврзано:   СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG - Како е да се живее со плаг-ин хибрид во Македонија?

Особено е интересен новиот Park Assist Pro систем кој му овозможува на ID.7 да запомни маневри за паркирање во должина од 50 метри и откако ќе застанете со вашиот автомобил на локација која вие ќе ја одредите, тој самиот ќе паркира. Дури можете и да излезете од автомобилот и да ја контролирате процедурата преку вашиот мобилен телефон.

Како што веќе напоменавме, ID.7 е поставен на MEB платформата и ќе се нуди со два различни батериски модули. ID.7 Pro има батерија со капацитет од 77 kWh (односно 82 kWh) и можност за полнење со максимални 170 kW. Според официјалните WLTP мерења, оваа верзија може да помине 615 километри со полни батерии. Понатаму, тука е и ID.7 Pro S кој добива поголема батерија со капацитет од 86 kWh (односно 91 kWh) која овозможува автономија до 700 километри и може да се полни со максимални 200 kW – долколку имате пристап до соодветно брз полнач, секако.

Без разлика на батеријата, ќе го добиете новиот електромотор кој испорачува 286 коњски сили. Испораките во Европа ќе започнат оваа есен.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.