Големиот електричен EV9 ќе биде знаменосец на SUV-гамата на KIA и ќе се наметне преку супер-футуристичкиот дизајн и врвните технолошки решенија.
Предниот дел добива иновативен лик кој Kia го нарекува Digital Tiger Face со големи вертикални предни светла и дневни светла. Дизајнот е аглест и робустен, со пропорции кои се намерно преувеличени и препознатливи.
Профилот е комбинација од меки и остри линии со аглести и широки крила. Тркалата добиваат аеро-дизајн, а целиот став на EV9 го заокружува задниот дел со голем спојлер, интегрирани заштитни панели и задни светла кои се како „вградени“ во линиите на автомобилот.
Кабината на EV9 ќе може да се нарача во неколку различни конфигурации – со пет, шест или седум седишта, а од KIA ветуваат дека „просторот ќе биде дарежлив за сите патници да можат да се поврзат и да се релаксираат во комфор како во дневна соба“. Вториот ред седишта е особено интересен – тие можат да се завртат за 180 степени и директно да гледаат кон третиот ред – што пак овозможува лесна комуникација меѓу сите патници.
Инаку, кабината има „лебдечка панорамска централна конзола“ со два големи екрани (со дијагонала од 12.3 инчи) како и мал екран со дијагонала од 5 инчи кои „го подобрува дигиталното искуство“, а забележуваме и неколку дигитални прекинувачи.
Сега за сега немаме информации околу погонот и батеријата, но знаеме дека големиот EV9 е поставен на истата Electric Global Modular Platform (E-GMP) платформа која веќе се користи за други модели на брендот. Според некои информации, можеме да очекуваме автономија од околу 480 километри со полни батерии.
Сега за сега немаме информации ни околу цената, но знаеме дека KIA одлучи EV9 да го понуди на повеќе пазари и дека ќе пристигне и во Европа каде продажбата ќе започне кон крајот на оваа година.