Линда Џексон за CARclub.mk: Производителите ќе го менуваат дизајнот на SUV моделите бидејќи мораат да бидат аеродинамични – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Линда Џексон за CARclub.mk: Производителите ќе го менуваат дизајнот на SUV моделите бидејќи мораат да бидат аеродинамични

Еуроимпекс, застапникот на Peugeot бренд за Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија организираше тркалезна маса со македонските автомобилски новинари и високи претставници на францускитот бренд – Генералниот Извршен Директор Линда Џексон и Фил Јорк, Глобалниот Директор за Маркетинг на Peugeot.

На тркалезната маса имавме можност да поразговараме и директно да прашаме во која насока се движи индустријата и што можеме да очекуваме од Peugeot во иднина. Тркалезната маса беше организирана веднаш по глобалната презентација на Inception концептот, со кој Peugeot јасно и гласно кажува во која насока ќе се движи во годините кои доаѓаат. Имавме можност да зборуваме со Линда Џексон која е Главен Извршен Директор на Peugeot, како и Фил Јорк кој е на челото Глобален Директор за Маркетинг на Peugeot. Со нив зборувавме за електричната иднина, за технологиите, за уживањето во возењето и дизајнот. Прочитајте!

Со претставувањетo на Inception, одбравте да ги претставите идните технологии кај модел кој Не Е SUV – и многу внимателно потенцираме дека Не Е SUV. Што сакате да потенцирате со тоа, и дали тоа навестува нов тренд во индустријата?

Линда Џексон: Одлично прашање – и токму така, одбравме да претставиме нов, 5 метри долг автомобил наместо SUV. Да бидам целосно искрена, тоа е начин за да ги претставиме сите технологии кои сакаме и ќе ги ставаме во автомобилите на Peugeot. Не беше одраз на тоа дали треба или не треба да биде SUV, туку повеќе во насока на тоа да направиме концепт кој навистина ќе ги одрази тие технологии и истовремено ќе биде прекрасен концептен автомобил. Во однос на вашето прашање за самите SUV модели – тоа е навистина фер прашање и самата природа на општеството во кое живееме, односно потребата да бидеме што е можно поаеродинамични за да достигнеме подобра ефикасност значи дека формата на SUV моделите природно еволуира. Тоа не значи дека нема да имаме и дека луѓето не бараат SUV – во контекст на повисоката возачка позиција и модуларноста на автомобилите, секако.

Ова не е изјава од Peugeot дека „нема да имаме SUV“, како што знаете 3008 и 5008 се супер-успешни SUV модели. Ова е повеќе во насока на тоа дека концептот ни овозможува да ги покажеме технологиите, но и нема сомнеж дека повеќето производители ќе го менуваат дизајнот на SUV моделите бидејќи мораат да бидат поаеродинамични.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Токму тоа го направивме со 408 – ние сакаме да кажеме дека е микс меѓу седан и SUV. Целосно нов концепт со повисока возачка позиција од 308, но не толку висок како 3008. Да, SUV моделите и понатаму се популарни, но сите ние бараме начини да ги направиме поефикасни во однос на CO2 и аеродинамика, и тоа ќе влијае директно на новите концепти кои доаѓаат.

Како ќе пристигне Hypersquare управувачот во сериско производство во следните неколку години? Како ќе го биде одобрен од аспект на безбедност?

Линда Џексон: Знаете, го развиваме Hypersquare во линија со сите регулативи кои мораме да ги почитуваме. Hypersquare ќе пристигне во нашите возила во 2025-2026 и Hypersquare користи steer-by-wire технологија наместо физичка, механичка врска меѓу управувачот и тркалата. Тоа го прави екстремно интуитивен и реактивен на мали движења. Секако, сите технологии кои ги претставуваме се подложни на регулативи и ги исполнуваат највисоките безбедносни стандарди.

Фил Јорк: Би додал дека една од најважните точки кај едно Peugeot е уживањето во возењето и i-Cockpit со малиот управувач е круцијален елемент за тоа. Hypersquare е следната еволуција на тој i-Cockpit и ќе овозможи значителна еволуција на пристапот. Веќе го тестиравме кај многу корисници и тие мислат дека е природен и интуитивен за користење.

Најавивте нови технологии за батерии и нови автономни технологии. Кога да ги очекуваме?

Линда Џексон: Овие технологии доаѓаат од технологии на Stellantis и неколкуте различни платформи. Концептот е поставен на STLA Large платформата и првите возила базирани на овие платформи ќе ги видиме најверојатно во следната година.

Во однос на технологиите за индукциско полнење. Ако тоа се прифати како стандард во идустријата, има потенцијал да направи револуција во полнењето во јавни гаражи, итн. Колку е уверен Peugeot во овие технологии во соработка со влади и локални власти?

Фил Јорк: Некои од технологиите се блиску до сериско производство. Индукциското полнење сега за сега е визија која сакаме да ја воведеме, но немаме специфична временска рамка за воведување на технологијата. Сепак, во рамките на Stellantis се работи на ова.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT - Поинаков SUV.

Што е сменето во идустријата за повторно да видиме храбри дизајни како пред 20 години?

Линда Џексон: Одлично прашање! Што се смени? Електрификацијата која ни ги отвори видиците. Концептот за кој зборуваме е следната генерација на електрични возила на Peugeot. Рамниот под значи дека нема компликации, нема тунел за преносот – а тоа пак не ослободува да видиме што можеме да направиме за дизајнот. Како чисто платно за нашите дизајнери да видат каде тоа може да не однесе. Секако, тука е и начинот на кој живееме – со нашите телефони итн. Прашањето е како да го интегрираме телефонот во нашите автомобили, бидејќи тоа го правиме секој ден. Овие две работи ни ги отворија видиците, а со електрификацијата доаѓа и автономно возење… Сето тоа влијае.

Соединувањето на овие работи не носи кон овие возбудливи дизајнерски измени. Сакаме да бидеме и лесни, ефикасни, да искористиме различни, напредни материјали, итн. Сакаме да ги исполниме нашите цели и да станеме карбон-неутрални до 2035, односно да ги намалиме на 50% емисиите до 2030. Ова не е концепт кој е креиран само бидејќи изгледа убаво, туку сакаме да ги претставиме технологиите кои ќе ги користиме во нашите автомобили.

Фил Јорк: Автономното возење воведува уште еден слој на сето ова и им овозможува на нашите дизајнери дополнителна слобода во однос на тоа како и за што ќе го искористат просторот.

Дали ќе видиме напредни рециклирани материјали во сериските автомобили?

Линда Џексон: Концептот користи неколку различни рециклирани материјали. Секако дека ќе ги користиме материјалите – можеби не идната година, но за следната генерација од 2025-2026, секако! Не само што сакаме, туку и мораме – имаме цел која сакаме да ја постигнеме, а дел од таа приказна се ваквите напредни материјали.

Фил Јорк: Тука се и материјалите кои веќе не ги користиме и ќе видиме такви измени уште побрзо. Inception нема хромирани елементи. Овој автомобил е убав, и е убав преку други материјали. Знаеме дека хромирањето не е најодржлив процес – па еден пример е правење на убав автомобил без да се прибегнува кон такви процеси.

Дали мислите дека може да се намалат екраните за се подобри вниманието. Кој е минимумот тука?

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

Линда Џексон: Да, јас сум гласноговорник за Помалку Екрани. Овој тренд на многу-многу-многу екрани е премногу, и она кое сакаме да го направиме со i-Cockpit е екран кој сакаме да го видите над управувачот односно над Hypersquare. Со Halo Cluster сакаме уште повеќе да го поедноставиме тоа. Сакаме корисниците да имаат информации, но не премногу информации. Но од друга страна, кога се вози автономно како на концептот, се добива голем, филмски екран – тоа е во ред бидејќи тоа е целосно-автономно патување. Сакаме да немаме премногу екрани – и токму тоа го планираме за Peugeot туку да ги имаме важните информации за возачот.

Поминавме низ една фаза (не Peugeot, туку целата индустрија) во која имавме премногу информации, а 50% од функциите во автомобилот, корисниците едноставно не ги користат. Истражувавме многу за да разбереме кои технологии ги користат, кои не – но се работи за избор.

Воведувате многу нови технологии во изминатите години, но како ќе влијаат овие технологии на цените на автомобилите. Автомобилите стануваат сè поскапи. Како купувачите ќе можат да Ве следат?

Линда Џексон: Фер прашање, и ние се позиционираме во повисоките сегменти, односно на високиот крај на мејнстрим сегментот. Сакаме да останеме таму и не сакаме да одиме повисоко. Изминатава година сите производители ги зголемуваат цените – поради инфлација и други фактори. Но ние мораме да избереме кои технологии ќе ги ставиме на малите автомобили, кои на поголемите и соодветно да ги позицонираме и да бидеме ценовно-ефективни. Затоа разгледуваме и различни материјали, итн. Идејата е да го задржиме денешното позиционирање и да ги понудиме технолгиите кои сегментите ги очекуваат.

Фил Јорк: Секако, разгледуваме и други опции за купување и плаќање. Воведуваме и претплати кои ќе им бидат достапни на купувачите – само што воведовме претплата во Франција која се нарекува Peugeot As You Go. Ниска претплата – 150 евра месечно со вклучени 500 километри и доплата за дополнителни километри. Ваквите програми ќе ги направи автомобилите достапни за нови генерации за купувачи кои можеби не сакаат да купат автомобил, но сакаат тој да им биде достапен.

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.