Новиот „оф-роуд“ 911 Dakar го користи погонот од 911 Carrera 4 GTS, но потоа додава цела лепеза на теренски додатоци за да понуди нешто навистина поинакво!
Инженерите на Porsche сакале да понудат нешто поинакво – и ако се прашуваме ние, успеале! Приказната започнува со ревидираната суспензија која стандардно е 50 милиметри повисока од онаа кај „обичен“ 911, а може да биде и дополнителни 30 милиметри повисока во High Level теренскиот режим на возење. Во овој режим 911 Dakar може да вози со брзини до 170 километри на час.
Истовремено, 911 Dakar е поставен на 19-инчни тркала напред, односно 20-инчни тркала позади, обвиени во 245/45 ZR19, односно 295/40 ZR20 Pirelli Scorpion теренски пневматици развиени токму за овој модел. Системот за теренско возење нуди и специјален Launch Control кој овозможува 20% пролизгување на задните тркала за лансирање кога нема асфалт.
Интересен факт е дека токму поради овие пневматици, 911 Dakar има максимална брзина од 240 километри на час. Секако, перформансите не се за занемарување – во задниот дел се крие 3-литарскиот твин-турбо боксер од Carrera 4 GTS кој преку PDK менувач кон сите четири тркала испорачува 480 коњски сили и 580 Nm вртежен момент. Ова е доволно за „стотка“ да пристигне за 3.4 секунди, како и да се достигнат горенаведените 240 километри на час.
Инаку, 911 Dakar влече инспирација директно од рели-тркачите на Porsche од 80-тите години од минатиот век. Токму затоа за само 26.000 Евра можете да добиете и Rally Design пакет кој директно се навраќа на специјално-подготвените 911-ки кои победија на Dakar во 1984-тата година и го отворија патот за Porsche да ги инвестира сите свои познавања во 959. Овој пакет вклучува специјална боја со црвени и златни декоративни елементи, бели тркала, како и Roughroads ознаки на вратите (кои треба да ги заменат Rothmans ознаките од тркачките автомобили). Секој купувач ќе може да избере и засебна бројка на вратите – достапни се бројки од 0 до 999.
Секако, 911 Dakar добива и уникатни каросериски елементи. Најважниот дел се заштитните панели околу целиот автомобил, новите браници со вградени куки за влечење, кровните носачи и фиксниот заден спојлер. Извадени се активните аеро-елементи во предниот браник бидејќи би биле оштетени при теренско возење. Кабината добива спортски седишта, заштитен кафез и многу, многу повеќе.
Цената во Германија започнува од 222.020 Евра (многу нè интересира од каде ги извадиле тие екстра 20 Евра) а ќе бидат произведени само 2500 примероци.