Целосно-новата Toyota Corolla Cross пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Целосно-новата Toyota Corolla Cross пристигна во Македонија!

Toyota кажува дека новата Corolla Cross е создадена за новите животни авантури – и од денес новата кросоверска изведба на Corolla е веќе достапна во Македонија!

Corolla Cross доаѓа со најновата, петта генерација на хибридниот систем на Toyota кој користи 2-литарски бензинец, литиум-јонска батерија и електромотор, за да испорача системски 197 коњски сили.

Дополнително, тука е и опцијата за i-AWD погон кој користи електромотор за да ги задвижи задните тркала. Овој електромотор испорачува дополнителни 41 коњска сила. Одберете го погонот на предни тркала и ќе забрзате до 100 километри на час за 7.6 секунди, односно 7.5 секунди доколку го одберете погонот на сите четири тркала.

Дизајнот на Corolla Cross влече инспирација од големиот RAV4, но во покомпактно, посовремено и заострено издание. Кросоверските детали се тука – големите пластични заштитни панели, повисокото подвозје и слично – но сè на сè Corolla Cross има засебен идентитет и во нашите очи изгледа посвежо од својот поголем брат.

Секако, Corolla Cross ги добива и сите нови системи за безбедност кои ги нуди Toyota. Приказната започнува со Full Speed Range адаптивниот темпомат, системот за следење на коловозната лента и препознавање на сообраќајните знаци, автоматските долги светла, систем за автоматско сопирање во итни случаи, систем за препозанавање на сообраќај позади автомобилот и многу, многу повеќе.

Пред возачот е поставен 12.3-инчен екран на кој е поставена дигиталната инструмент-табла. Високото ниво на безбедност се добива преку новиот T-Mate пакет на безбедносни системи кој е комбинација од постоечките Toyota Safety Sense системи и нови напредни системи за активно возење и асистенција при паркирање.

Кај Corolla Cross дебитира и целосно-нов мултимедијален инфозабавен систем со дијагонала од 10.5 инчи. Новиот систем добива нов хардвер и софтвер, како и можност за бежично Apple CarPlay поврзување, односно целосна Android Auto интеграција со кабел. Системот е целосно врзан на интернет и добива Cloud навигација како и OTA ажурирања.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

На нашиот пазар Corolla Cross е достапна со погон на предните или сите четири тркала, само во хибридна изведба. Цените започнуваат од Corolla Cross во Executive ниво на опрема со погон на предните тркала која чини 38.490 Евра. На самиот врв на понудата е Corolla Cross со погон на сите четири тркала и високото Luxury ниво на опрема која чини 45.990 Евра. Секако, сите изведби ги добиваат хибридниот погон со 197 коњски сили како и e-CVT автоматскиот менувач.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.