ТЕСТ: Škoda Karoq 2.0 TDI 150 Sportline – Практичен спортски SUV кој цели високо над својата класа. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Karoq 2.0 TDI 150 Sportline – Практичен спортски SUV кој цели високо над својата класа.

Чешкиот бренд наметна високи очекувања со својата RS гама на модели. Но што ако не избереме нешто толку спортско, туку нешто нијанса поцивилизирано?

Ако се прашуваме ние, Karoq е идеално-димензионираниот SUV во понудата на Škoda. Онаму каде Kamiq е можеби нијанса премал, а Kodiaq објективно огромен – Karoq е моделот кој всушност треба да ја испорача онаа Златна Средина. И бидејќи зборуваме за Škoda – нема сомнеж дека успешно го прави тоа. Но што кога во равенката ќе додадеме малку спортски варијабли? Тогаш станува навистина интересно.

Кога за прв пат се појави на пазарот, за Karoq рековме дека дизајнерите и инженерите на Škoda „згреале столче“ и одлично си ја завршиле работата – па следејќи ја докажаната „ако не е расипано не го поправај“ мантра, со неодамнешното освежување чешкиот бренд само ги зајакна и онака силните страни на Karoq и со Sportline изведбата оди чекор понатаму.

Што го издвојува Karoq Sportline од обичниот Karoq?

Но што е всушност Sportline? За најубаво да го опишеме, ќе кажеме дека е RS-лајт. Karoq добива поспортски бодикит во форма на нијанса поагресивни браници, странични прагови, црни странични ретровизори, црна маска на ладилникот и црни кровни носачи, како и големи 19-инчни тркала обвиени во спортски пневматици.

Сето тоа му дава на инаку-конзервативниот Karoq еден поинаков, подинамичен лик – и ќе кажеме дека ни се допаѓа! Особено ни се допаѓа длабоката Velvet Red црвена боја на нашиот тестен модел која одлично „контрира“ на црните детали и големите 19-инчни Sagitarius Anthracite фелни со аеро-додатоци за подобрување на аеродинамиката.

Сликата за подинамичен SUV ја дополнуваат страничните прагови кои визуелно ја прават силуетата на Karoq поширока и пониска. Кога сето тоа ќе го ставиме на купче, Karoq Sportline изгледа понизок и поподготвен за динамично возење. Дискретно, но сепак забележливо – идеалниот рецепт.

Интересно е што сите овие измени влијаат позитивно на аеродинамиката на Karoq па чешкиот SUV има коефициент на отпор на воздухот од само 0.30 Cd – повеќе од задоволително зa SUV. А подобра аеродинамика значи подобри перформанси, пониска потрошувачка и помалку загадување. Придобивки за сите!

Поврзано:  Новиот, поголем и уште понапреден Škoda Kodiaq пристигна во Македонија!

Практична кабина со одлични спортски седишта и многу спортски детали

Ја отвораме вратата и веднаш ги забележуваме спортските седишта со длабоки странични потпори. Не само што се спортски, туку се супер-комфорни и нудат одлична странична поддршка. Седиштата се обвиени во иновативен материјал кој Škoda го нарекува Thermoflux и кој всушност подобро „дише“ во потоплите денови. Истовремено, материјалот одлично ќе ве држи во самото седиште и нема да дозволи да се лизгате лево-десно во свиоци.

Инаку, низ кабината на Karoq Sportline ќе забележите и други спортски детали – вниманието оди кон трокракиот управувач кој е делумно обвиен во перфорирана кожа,а  низ целиот ентериер забележавме контрастни шевови – ситен, но убав детал. Тука се и алуминиумските педали, карбонските декоративни елементи и црниот тапацир на кровот кои се дел од Sportline пакетот и го зајакнуваат спортскиот амбиент. Всушност, навистина сме импресионирани од материјалите и завршната обработка во кабината на Karoq.

Нашиот тестен модел дојде и со голем панорамски стаклен кров кој навистина го издигнува амбиентот скалило погоре. Кровот е огромен и дозволува навистина многу светлина да влезе во кабината. Инаку, прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини, а сите команди се лесни за наоѓање и за користење. На врвот на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред со вградено безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, а под него се физичките контроли за клима уредот. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти со неколку различни режими на приказ. Екранот е со висока резолуција и јасно се препознаваат сите информации, дури и на директна светлина.

На задната клупа има место за двајца патници. По потреба ќе собере и тројца, но не би го препорачале тоа на подолги патувања. Она што е за пофалба е просторната понуда – патниците на задната клупа ќе имаат доволно простор како за нозете, така и за главите и нема „да се стискаат“. И седиштата на задната клупа се спортски профилирани, но прегледноста кон предниот дел малку ја намалуваат широките спортски предни седишта. Но… Тоа е цена која нашите патници едноставно ќе мораат да ја платат. :)

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

Багажен простор? Колку сакате. Со исправени задни седишта на располагање имате одлични 521 литар во багажникот. Преклопете ги задните седишта и добивате импресивни 1630 литри, а бидејќи се работи за шкода има уште грст други практични детали – од чадорот во возачката врата, преку малата корпа за одпадоци, преку гребалката за мраз во капачето на местото за полнење гориво, па сè до малите пластични прегради за багажниот простор и двостраната покривка за багажникот.

Дали е оправдан додатокот Sportline?

Во ред, но дали овој Karoq го оправдува додатокот SportLine во името? Би рекле – да! Во ред, механички измени скоро и да нема. Префрлете го селекторот за режим на возење во Sport и ќе добиете нијанса подобар одзив на гас, но примарната разлика ја прават поголемите тркала и спортските пневматици. Во комбинација со 2-литарскиот TDI и 6-степениот мануелен менувач, Karoq Sportline е подготвен да понуди изненадувачка инволвираност во возењето, особено кога ќе почнете да совладувате свиоци. Да, во ред – ова е SUV, не е спортски автомобил – но има тука Доволно Добро Завршена Работа за Karoq Sportline да има поинаков карактер од обичниот Karoq.

Дали тоа значи дека е нарушен комфорот? Ако споредуваме со обичен Karoq поставен на 17-инчни тркала, тогаш најверојатно да. Нијанса поцврстото возење е цената која се плаќа за да се добие спортскиот карактер на Karoq Sportline – но тоа во ниту еден момент не станува непријатно и ние секој пат би избрале ваква конфигурација наместо регуларната. Дампирањето е одлично па и покрај големите тркала суспензијата успева да ги исфилтрира скоро сите несакани вибрации, освен оние од остри нерегуларности кои успеваат да ги игнорираат само оние возила со воздушна суспензија и шестцифрена цена.

Докажан, моќен и штедлив турбодизел.

Плус, со сите турбо-бензинци и хибриди со кои се дружиме изминатиов период, како да сме подзаборавиле колку е всушност способен стариот добар 2.0 TDI на Volkswagen групацијата. Во оваа конфигурација испорачува 150 коњски сили при 3500 вртежи во минута и одлични 340 Nm вртежен момент од 1600 до 3000 вртежи во минута – и го прави тоа навистина подготвено. Особено во втор, трет и четврт степен на пренос, 2-литарскиот TDI влече како локомотива, а Karoq се чувствува како да е побрз „до стотка“ од официјалните 8.8 секунди. Максималната брзина е еднакво-одлични 210 километри на час.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

И интересното е што сето тоа е придружено со навистина ниска и цивилизирана потрошувачка. За време на неколкудневното тестирање измеривме просечна потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри во градски услови, односно под 6 литри на отворено.

Лесно е да го препорачаме Karoq.

Со освежувањето на Karoq, Škoda само дополнително ги истакна неговите и онака силни атрибути. Karoq секогаш беше практичен семеен SUV, но сега е уште подобар и со Sportline пакетот – уште поинтересен. И тоа самото нè носи до очигледниот заклучок.

Лесно е да го препорачаме Karoq, навистина. Скоро бесконечно практичен и лесен за користење, а во оваа конфигурација не само што изгледа значително поинтересно, туку успева и да понуди забава зад управувачот. Доволно голем, супер-практичен, брз, економичен и безбеден. Големиот Kodiaq несомнено (и заслужено) го добива лавовскиот дел од вниманието на купувачите, но како што рековме – во нашите очи токму Karoq е идеалниот SUV во понудата на Škoda.

Спецификации

Модел: Škoda Karoq 2.0 TDI 150 Sportline
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 380 Nm / 1600 – 3000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.8 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4382 mm
Ширина: 2025 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1603 mm
Тежина: 1427 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2638 mm
Багажен Простор: 521 – 1630 литри
Потрошувачка: 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Škoda Karoq 2.0 TDI EVO MT6 115 Ambition – 28.030 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Karoq 2.0 TDI EVO MT6 150 Sportline – 37.270 Евра
Повеќе Информации: Skoda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.