ПРЕМИЕРА: Honda го претстави новиот Civic Type R! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Honda го претстави новиот Civic Type R!

Honda не ги објави сите детали за новиот Civic Type R, но ги имаме првите фотографии а моќниот хот хеч пристигнува кај купувачите на почетокот на следната година!

Според Honda, новиот Civic Type R ќе го понуди „највозбудливото Type R искуство досега“ и „гради врз долгата традиција на спортски автомобили инспирирани од духот на тркањето.“ Новиот Civic Type R ќе биде достапен во Европа од почетокот на следната година, но веќе поставува нови рекорди – неодамна постави нов рекорд за возила со погон на предните тркала на Suzuka Circuit, а инженерите на Honda го рафинирале секој аспект на новиот модел – од нови дизајнерски подобрувања кои ја подобруваат аеродинамиката, до супер-лесни компоненти и подобрувања на погонот за да се добие најреспонзивниот и најмоќниот Type R во историјата.

За жал, не знаеме со колку коњски сили ќе располага новиот Type R, но знаеме дека го добива истиот K20 мотор кој се нудеше и во претходната генерација, но надграден и доработен да испорачува уште повеќе моќност.

Новиот Civic Type R е воден од Ultimate Sports 2.0 стратегијата на Honda и се базира на новиот Civic e:HEV. Секако, спортската изведба е значително пониска и поширока, со широки крила позади кои се кријат 19-инчни тркала обвиени во Michelin Pilot Sport 4S пневматици. Големите отвори за воздух го максимизираат ладењето и го подобруваат „дишењето“ на моторот, а отворот на предниот поклопец го подобрува излегувањето на топлиот воздух. Секако, тука е и големиот заден дифузер со интегриран спортски издувен систем, како и големиот заден спојлер без кој не може да се замисли еден Type R.

На купувачите ќе им бидат достапни неколку бои, меѓу кои се и незаменливата Championship White, а тука се и Rallye Red, Racing Blue, Crystal Black и Sonic Grey.

Ентериерот добива длабоки спортски седиша и грст засебни Type R детали. Возачот седи ниско, но бидејќи и предниот поклопец е низок прегледноста би требало да е одлична. Од Honda напоменуваат дека за подобрена прегледност намалени се и рефлективните површини кои би правеле отсјај во стаклата.

Достапни се неколку режими на возење – Comfort, Sport и +R, додека Individual режимот му овозможува да го персонализира новиот Civic Type R по негов вкус. Тука е и најновата генерација на LogR софтверот, кој комбинира податоци околу перформансите со податоци добиени од разните сензори за да понуди возачки метрики во реално време – од мерење времиња на тркачките патеки, па се до многу, многу повеќе.

Иако имаше некакви шпекулации дека новиот Civic Type R ќе добие погон на сите четири тркала, сепак и новата генерација ја задржува класичната конфигурација – погон на предните тркала и брз, прецизен 6-степен мануелен менувач. Преработениот мотор нуди меѓу најголемите моќности по литар зафатнина во класата, додека моќните Brembo сопирачки гарантираат моќно и линеарно „застанување“.

Како што рековме, продажбата ќе започне следната година, а првите примероци ќе бидат испорачани во првите неколку месеци од 2023. Наскоро ги очекуваме и конкретните детали околу моторот, моќноста и перформансите на новиот Civic Type R.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.