Peugeot темелно го тестира новиот 408 и се подготвува за неговата премиера – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot темелно го тестира новиот 408 и се подготвува за неговата премиера

Peugeot се подготвува да го претстави новиот 408 за една седмица од сега – но францускиот бренд интензивно работи на финалните проверки за да понуди врвен продукт.

Од Peugeot гордо кажуваат – „автомобилот можеби е неочекуван, но неговата програма за валидација следи екстремно прецизен протокол кој вклучува тестирање на патишта и на патеки, но и во лабораторија и на специјални платформи. Целта е да се постигне квалитет без компромис и врвно искуство веќе со првите примероци.“

Тимовите задолжени за валидација ги добија првите, камуфлирани примероци и со нив поминаа скоро 1.1 милион километри во сите можни услови, на разни подлоги и во многу различни климатски услови. Сите компоненти беа тестирани, ре-тестирани, разгледани и оценети, а секој километар поминат во екстремни услови е еднаков на десетици километри кои би ги поминал просечниот возач.

Дополнително, Peugeot користи специјални платформи за тестирање на новите возила, меѓу кои и специјална платформа која нанесува стрес на каросеријата за да се провери структурната издржливост – од Peugeot кажуваат дека едноставно е невозможно човек да биде зад воланот доволно долго и да го издржи малтретирањето кое машински му се нанесува на тест-возилото.

Peugeot најавува дека новиот 408 ќе биде динамичен купе-седан со подигната каросерија и големи тркала, како и мачкест став кој е типичен за моделите на брендот. Напоменуваат дека 408 е дизајниран да понуди „одговорно уживање во возењето“ и дека 408 поминал низ супер-темелно аеро-оптимизирање за да се оптимизира протокот на воздухот околу автомобилот, а со тоа да се зголеми ефикасноста.

Очекуваме дека новиот 408 ќе ги добие истите погонски единици кои ги користи и новиот 308 – а тоа значи дека Peugeot ќе продолжи со Power of Choice стратегијата и можноста да се избере меѓу турбо-бензинец, турбодизел или плаг-ин хибриден погон.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.