Пред 70 години, Porsche го претстави 356 America, специјално направен за пазарот во Америка. Сега, 70 години подоцна Porsche нуди уште една ваква специјална верзија, овој пат од 911!
Новиот автомобил не само што е наменет само за купувачите од Северна Америка, истовремено оддава почит на оригиналниот 356. Името му е „нијанса“ подолго – ако пред 70 години беше Porsche 356 America, сега е Porsche 911 Carrera GTS Cabriolet America Edition – и ќе бидат произведени само 115 примероци, сите опремени со мануелен менувач.
Специјалната изведба на 911 е во Azure Blue сина боја, а тркалата се бели, со црвен прстен и сребрени детали на надворешните површини – според Porsche, ова е прв пат различни материјали да се користат за финишот на тркалата. Секако, тука се и неизбежните America декоративни графички елементи, а ни се допаѓа и црната рамка околу ветробранското стакло.
Истата Црвено-Бело-Сино комбинација на бои се користи и во кабината. Забележуваме шевови во Guards Red и Pebble Grey, како и многу, многу црвени детали и специјални заштитни панели на праговите. Оние кои сакаат перформанси немаат причина за грижа – под задниот поклопец се крие погонот од 911 GTS – а тоа значи 480 коњски сили и мануелен менувач. Според Porsche, намената на 911 Carrera GTS Cabriolet America Edition е да биде вистински отворен спортски автомобил наменет за ентузијастите.
Како што рековме, ќе бидат произведени само 115 примероци – од нив, 100 ќе отидат кај дилерите на Porsche ширум САД, додека само 15 ќе одат во Канада.