Cupra ги претстави своите планови до 2025 – ги најави Tavascan, Terramar и електричниот UrbanRebel! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Cupra ги претстави своите планови до 2025 – ги најави Tavascan, Terramar и електричниот UrbanRebel!

Cupra има јасно-дефинирана цел – а тоа е преку претставување на привлечни нови модели во нови сегменти и преку експанзија кон нови пазари да достигне бројка од 500.000 продадени возила годишно.

Cupra – спортскиот под-бренд на SEAT – има јасни амбиции, а новите модели ги нарекува нови херои за нова ера. Со претставување на три нови електрифицирани модели, Cupra не само што одговара на побарувањата на купувачите, туку истовремено се наметнува како сериозен играч и силно-аргументиран избор кај оние кои сакаат нешто навистина модерно и поинакво.

Новите херои на Cupra доаѓаат во форма на Cupra Terramar, Cupra Tavascan и Cupra Urbanrebel.

Terramar е нов модел во гамата на Cupra, и е првиот електрифициран SUV на брендот. Сега за сега немаме никакви конкрени информации околу погонот на овој компактен SUV, но знаеме дека ќе пристигне во 2024 и дека ќе биде понуден со неколку различни лајт-хибридни и плаг-ин хибридни погони. Од Cupra најавуваат дека плаг-ин хибридните верзии ќе можат да поминат околу 100 километри на електрична енергија. Дополнително, најавено е дека Е-Hybrid хибридните погони ќе бидат калибрирани за спортско возење покрај очекуваните придобивки во однос на ефикасноста.

Од таму, одиме кај новиот Tavascan. Најавен со концепт уште пред неколку години, целта на Tavascan е да ја искористи позицијата на Cupra како спортски бренд во рамките на VW групацијата и да биде интересна алтернатива на VW ID моделите, Skoda Enyaq iV и Audi Q4 e-tron. Немаме информации околу погонот, но можеме да претпоставиме дека ќе биде поставен на истата MEB платформа и дека ќе биде директен одговор на Volkswagen ID.4 GTX – а тоа значи дека можеме да очекуваме околу 300 коњски сили и автономија од околу 500 километри благодарение на батеријата со капацитет од 500 километри.

Поврзано:   Cupra оди во Америка!

Конечно, Cupra го претстави и UrbanRebel, кој иако сè уште е во своевидна концептна форма, сепак е блиску до финалниот, сериски модел кој треба да пристигне во 2025. UrbanRebel е особено важен модел, бидејќи се користи како развојна платформа не само за потребите на Cupra, туку преку него се развиваат ваквите модели и за другите брендови во рамките на VW групацијата.

Дизајниран и развиен во Барселона, UrbanRebel ќе пристигне во 2025 и ќе користи електромотор со моќност од 226 коњски сили, како и соодветна батерија за да може да понуди лансирање до 100 километри на час за 6.9 секунди, како и автономија од околу 440 километри. За развојот на UrbanRebel се користени напредни рециклирани полимери и био-материјали со цел да се поместат границите на очекуваното и возможното, а со користење на 3D-печатени и 3D-плетени производни процеси подобрени се перформансите и можностите на малиот, урбан електричен автомобил.

Инаку, брендот Cupra беше лансиран во 2018 и покажа дека е вистинската одлука во вистинско време. Со скоро 200.000 продадени возила, Cupra има амбиции да стане уште посериозен играч преку доближување на брендот кон купувачите и нудење на интересни, поинакви возила. Како што напоменавме, целта на Cupra е да успее да продаде 500.000 возила во една година, а со оглед на навистина привлечната гама на возила и поинаквиот пристап кон нештата – нема да бидеме воопшто изненадени кога ќе успеат во тоа.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.