Toyota подготви дискретно освежување за Corolla – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Toyota подготви дискретно освежување за Corolla

Toyota подготви освежување за сите изведби на Corolla – па тоа значи дека хечбекот, седанот и караванот добиваат освежен хибриден систем, нови технологии во кабината и дискретни козметички затегања.

Најновата интерпретација на самополнечкиот хибриден систем во Corolla добива зголемена моќност, подобрени перформанси и подобрена ефикасност. Во понудата остануваат постоечките 1.8 и 2-литарски хибриди, но по сè изгледа Toyota ќе го отстрани 1.2-литарскиот турбо-бензинец од понудата.

1.8-литарскиот хибрид сега испорачува 140 коњски сили (зголемување од 18 коњски сили), и со овој мотор Corolla сега забрзува до 100 километри на час за 9.2 секунди – подобрување од дури 1.7 секунди. За оние кои сакаат повеќе моќ, тука е 2-литарскиот хибрид кој сега испорачува 196 коњски сили (16 коњски сили повеќе од претходно) и овозможува забрзување до 100 километри на час за 7.5 секунди – подобрување од 0.5 секунди.

Од Toyota кажуваат дека инженерите работеле и на калибрација на хибридниот систем за поприродно и полинеарно забрзување, и дека истовремено е работено да се намалат вртежите при агресивно забрзување – што пак резултира со потивок погон.

Козметичките измени се навистина дискретни – забележуваме нов дизајн на предните маски, како и нови декоративни елементи околу светлата за магла. Достапни се и нови бои – Juniper Blue за хечбек верзијата и караванот, Midnight Teal за седанот и Metallic Grey за сите три верзии, како и нови дизајни на тркалата. Врвно-опремените верзии добиваат и Bi-LED предни светла со адаптивни долги светла, а GR Sport верзијата добива нови 18-инчни тркала, уште поспортски заден браник и нови спортски седишта во кабината.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Кога сме кај кабината – од средното ниво на опрема па нагоре, сите верзии на Corolla добиваат нов 12.3-инчен дигитален панел со инструменти, а во понудата е нов 10.5-инчен мултимедијален уред кој вклучува напредна навигација. Системот препознава гласовни команди, а Toyota T-Mate пакетот ги додава најновите Toyota Safety Sense безбедносни системи.

Освежената Corolla ќе пристигне кај купувачите ширум Европа на почетокот на следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.