ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави новиот GLC – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави новиот GLC

GLC е развиван истовремено со новата C-Class, со која ја дели и платформата – па новиот германски SUV е достапен со електрифицирани бензински и дизел мотори, како и плаг-ин хибридни погони кои овозможуваат повеќе од 100 километри на струја!

GLC е важен модел за Mercedes-Benz – луксузниот SUV е еден од најпродаваните модели на брендот, дури можеби и најпродаван на глобалниот пазар. Со повеќе од 2 милиони продадени примероци, инженерите и дизајнерите на Mercedes-Benz не се воздржувале кога работеле на новиот SUV. Дизајнот е интерпретација на тековниот дизајнерски јазик на Mercedes-Benz, но со посебен акцент на широчината на новиот SUV, како и подобрувања во аеродинамиката – новиот GLC има коефициент на отпор на воздухот од 0.29, подобрување од 0.31 кај минатата генерација.

Новиот GLC е поставен на најновата верзија на MRA платформата, а тоа значи дека не само што е поголеми полесен, туку е и поефикасен и компатибилен со најновите погонски единици на Mercedes-Benz. Внатрешната ознака е X254, а ќе може да се комбинира со четири-цилиндерски турбо-бензински и турбодизел мотори (кои се електрифицирани).

Понудата на бензинци започнува со GLC200 и GLC300 кои користат лајт-хибриден M254 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 204 односно 258 коњски сили, а дополнително добиваат уште 23 коњски сили и 200 Nm од интегрираниот стартер-мотор.

Скалило над нив се плаг-ин хибридните GLC300e и GLC400e кои го користат истиот 2-литарски турбо-бензинец, но соработуваат со електромотор кој испорачува дополнителни 136 коњски сили, за вкупно 308, односно 375 коњски сили. Интересна е одлуката на Mercedes-Benz да понуди и плаг-ин хибриден турбодизел во форма на GLC300de 4Matic кој комбинира 2-литарски турбодизел кој испорачува 200 коњски сили, а заедно со електромоторот има на располагање системски 335 коњски сили и 750 Nm вртежен момент.

Поврзано:  Новите Vito Tourer и V-Class пристигнаа во салонот на Mercedes-Benz

Сите плаг-ин хибридни верзии можат да поминат повеќе од 100 километри на електрична енергија – бензинците од 104 до 120 километри, а дизелот од 102 до 117 километри со полни батерии. За фановите на конвенционалниот дизел, тука е GLC220d со 197 коњски сили и 440 Nm вртежен момент.

Кабината е темелно базирана на онаа кај новата C-Class и го добива најновиот MBUX мултимедијален интерфејс на Mercedes-Benz. Пред возачот е поставен 12.3-инчен дигитален дисплеј, додека на централната конзола е вертикално-поставен 11.9-инчен мултимедијален уред. Секако, тука е и неизбежниот мултифункционален управувач, а од Mercedes-Benz нагласуваат дека ќе бидат достапни и интересни пакети за доопремување – на пример, ќе можете да нарачате Off Road пакет кој ја подигнува суспензијата за дополнителни 20 милиметри, а достапни се и управување на задните тркала, едно чудо системи за активна и пасивна безбедност, Burmester премиум аудио уред со 15 звучници и многу, многу повеќе.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.