ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG One има мотор од Формула 1 и 1063 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG One има мотор од Формула 1 и 1063 коњски сили!

Mercedes-AMG за прв пат го покажа Project One концептот во 2017 и најави знаменосец со V6 од F1 и напредни хибридни технологии – и денес конечно ја гледаме сериската верзија!

Хибридниот погон на Mercedes-AMG One влече директно потекло од F1 шампионатот и комбинира 1.6-литарски V6 со електричен турбополнач и четири електромотори. Малиот, 1.6-литарски V6 доаѓа директно од F1 болидите на Mercedes-AMG, секако доработен да може да ги издржи стресовите на секојдневното возење. Моторот има електричен турбополнач, четири брегасти осовини, директно и странично вбризгување и „врти“ до скоро неверојатни 11.000 вртежи во минута. Ова технолошко чудо испорачува 574 коњски сили, а соработува со 4 електромотори за Mercedes-AMG One да располага со вкупно 1063 коњски сили.

Еден електромотор е вграден блиску до моторот и дава дополнителни 163 коњски сили, а еден електромотор е вграден директно во турбополначот (и со тоа го елиминира карактеристичниот турбо-лаг) и овој електромотор испорачува дополнителни 122 коњски сили. На предната оска се поставени уште два електромотори (по еден на секое тркало) кои испорачуваат дополнителни 326 коњски сили.

Во суштина, тоа значи дека на задната оска е поставен хибриден систем, кој се комбинира со нов 7-брзински автоматизиран мануелен менувач. Во комбинација со електромоторите на предните тркала, Mercedes-AMG One има AMG Performance 4Matic+ погон на сите тркала, а хибридниот систем користи батерија со релативно мал капацитет од 8.4 kWh, која пак овозможува возење на струја до 18 километри – но да бидеме реални, хибридниот систем во Mercedes-AMG One не е развиен да понуди евтино возење, туку запрепастувачки перформанси.

А перформанси – има! Катапултот до 100 километри на час трае 2.9 секунди, додека 200 километри на час пристигнуваат за 7 секунди. Максимална брзина? Електронски ограничена на 352 километри на час. Автомобилот нуди шест различни режими на возење – Race Safe, Race, EV, Race Plus, Start 2 и Individual. Активната аеродинамика нуди неколку различни нивоа на потисна сила – од врвната потисна сила наменета за тркачките патеки, до Low Drag варијантата наменета за постигнување максимална брзина.

Поврзано:  Новите Vito Tourer и V-Class пристигнаа во салонот на Mercedes-Benz

Од Mercedes-AMG кажуваат дека ќе бидат произведени само 275 примероци, и дека секој од нив ќе чини околу 2 милиони Евра. Секако, сите се веќе резервирани. Нормално.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.