full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Sport Classic – Назад кон иднината со 550 коњски сили и мануелен менувач!

Базиран на 911 Turbo од тековната генерација, новиот 911 Sport Classic добива 550 коњски сили, мануелен менувач и погон на задните тркала!

Најновата интерпретација на Sport Classic формулата ги навива работите до максимум – базиран на 911 Turbo, новиот Sport Classic ја користи истата широка каросерија, но со погон само на задните тркала и со 3.7-литарски боксер кој испорачува 550 коњски сили и 600 Nm вртежен момент – и секако, ги пренесува кон задните тркала преку 7-степен мануелен менувач.

Сега за сега, Porsche не објавува детали околу перформансите, но затоа знаеме дека ќе бидат произведени 1250 примероци од најмоќната верзија на 911 со мануелен менувач. Секако, ова го прави 911 Sport Classic особено интересен за оние кои навистина сакаат да уживаат во возењето, но и за колекционерите кои сигурно ќе успеат да ја подигнат вредноста на овој прекрасен, прекрасен модел.

Инаку, 911 Sport Classic ќе го препознаете по уникатниот заден ducktail спојлер, како и специјалните стикери и графички детали, но и фантастичната 911 Sport Classic значка на задниот дел. Сите примероци ќе бида достапни т во ексклузивна Sport Grey Metallic боја со две посветли линии преку целиот автомобил, но ако некој сака (иако не би можеле да разбереме зошто) достапни ќе бидат и Agate Grey, Gentian Blue Metallic и црна боја. Поклопецот на моторот е изработен од CFRP, а 911 Sport Classic добива и таканаречен „double-bubble“ кров кој всушност нуди повеќе простор во кабината доколку носите тркачка кацига.

Кабината исто така добива третман од Porsche Manufaktur – седиштата се обвиени во материјал со Houndstooth дизајн (кучешки заб) и кожа во Classic Cognac боја, која е искористена и за други површини во ентериерот. Има и дискретни дрвени детали, како и уникатни елементи во инструментите – како на пример бела стрелка во зелените инструменти. На купувачите ќе им биде понуден и ексклузивен луксузен часовник од Porsche Design.

Поврзано:   Златно Тркало 2022 - Победници!

Сите примероци на 911 Sport Classic ќе добијат и надградена верзија на PASM, керамички сопирачки, PDCC, управување на задната оска како и Sport Chrono пакет, а ексклузивно ќе доаѓаат и со специјално-прилагоден спортски издувен систем.

Како што напоменавме, ќе бидат произведени само 1250 примероци, и не би биле воопшто изненадени ако повеќето се веќе резервирани или продадени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.