ТЕСТ: Škoda Fabia 1.0 MPI 80 Style – Нова, подобра, забавна Fabia! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Fabia 1.0 MPI 80 Style – Нова, подобра, забавна Fabia!

Новата Fabia носи многу новитети и се натпреварува во сегмент каде конкуренцијата е намалена, но заострена. Па ајде да разгледаме што може да понуди чешкиот градски компакт.

Со заминувањето на Citigo во пензија, Fabia повторно е најмалиот модел во понудата на Škoda. Но само затоа што е најмала, не значи дека на Fabia не ѝ е посветено навистина многу внимание. Всушност, тоа не би можело да биде подалеку од вистината.

Нова платформа – Fabia конечно е на MQB-A0

Новата Fabia конечно ја добива MQB-A0 платформата на Volkswagen групацијата, па сега директно дели гени со Volkswagen Polo и Seat Ibiza. А тоа значи дека покрај зголемените димензии, Fabia добива и нови мотори, како и грст нови технологии. А со сето тоа, Fabia оди во сосем нов сегмент.

Плус, како и секогаш – пристапот на Škoda е да понуди практичен и комфорен автомобил кој е лесен за секојдневно користење и кој што не само што ќе ги исполни очекувањата, туку и темелно ќе ги надмине. Во Fabia нема непотребни „џиџи-миџи“ решенија со не-баш-јасна функционалност, туку во Fabia работите се какви што треба да бидат, за да се извлече максимумот од нив и да се понуди врвна вредност.

Но зошто кажуваме дека Fabia оди во сосем нов сегмент? Одговорот на тоа прашање е во повеќе делови, а прво ќе зборуваме за дизајнот.

Fabia веќе не е здодевна!

Погледнете ја. Fabia веќе не е здодевна. Минатата генерација беше функционална и практична, но малку… Неинтересна. Новата Fabia е созреана, со чисти форми, остри линии и привлечни детали.

Предните светлосни групи (кои патем користат LED осветлување) се тенки и широки, а под нив се поставени големите светла за магла.

Профилот го карактеризира остра карактерна линија која визуелно ја прави Fabia да изгледа пониска, додека издигнувачката линија на прозорците ѝ додава дополнителна доза на динамичност.

На задниот дел вниманието оди кон широките и комплексни задни светла, а особено ни се допаѓа двобојната комбинацја на нашиот тестен автомобил. Забелешки за дизајнот? Па, би посакале број-два поголеми тркала, како и нијанса пониска суспензија – но инаку, Fabia изгледа навистина современо.

Во кабината се препознава талентот на Škoda да направи автомобил кој ги надминува очекувањата.

Океј, време е да одиме внатре. Ја отвораме возачката врата и нѐ пречекува кабина каде инспирацијата е очигледно извлечена од супер-популарната Octavia. Прво го забележуваме двокракиот управувач, а потоа и дигиталните инструменти, како и централно-поставениот мултимедијален уред.

Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

Се сместуваме во седиштата и сѐ е некако… Онаму каде треба да биде. Командите се јасни и лесни за користење, сѐ е на дофат, а прегледноста е одлична. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – и тука се препознава талентот на Škoda да направи автомобил кој ги надминува очекувањата.

Дигиталните инструменти поставени пред возачот се остри, прегледни и лесни за користење, додека мултимедијалниот уред ги нуди сите потребни функционалности, како и (одлично и брзо) безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Под него се поставени контролите за клима уредот кој делумно се командува преку овие контроли, а делумно преку мултимедијалниот уред.

Очекувањата се надминати и со материјалите во кабината – помина времето на цврсти и тврди пластики. Скоро сѐ што ќе допреме е обложено со фин и убаво-текстуриран материјал, а има и вистински изненадувања – на пример, многу ни се допаѓа платнениот материјал со кој е обложен дел конзолата пред возачот и совозачот.

Fabia е рекордер во класата кога зборуваме за просторната понуда на задната клупа – има доволно место и за главите и за нозете на патниците, во контекстот на класата, секако. А има и практични детали – како на пример USB-C приклучоците и отворите за вентилација наменети токму за патниците на задната клупа.

Плус, Fabia е рекордер и во однос на багажниот простор – онаму каде конкурентите нудат околу 300 литри, Fabia нуди дури 380 литри багажен простор (1190 со спуштени задни седишта, клупата е деллива во однос 40:60).

Баланс меѓу динамичност и комфор

Одиме да возиме! Уште на првите неколку метри, забележуваме дека Fabia цели да постигне баланс меѓу динамичност и комфор, без притоа да направи компромис во однос на комоцијата во возењето. Суспензијата е цврста, но не е тврда, а од друга страна нуди одлична контрола во свиоци. Всушност, кога на Fabia ќе ѝ поставите предизвик во форма на кривулест пат, таа ја менува насоката на движење со ентузијазам кој изненадува. Да, во ред – ова не е спортски автомобил (но се надеваме дека ќе ја повозиме и Fabia Monte Carlo), но директното управување и компетентната суспензија ќе изнудат насмевка и кај најпребирливите возачи. Да, во оние моменти кога ќе претерате ќе добиете подуправување, но сето тоа е прилично лесно за предвидување и контролирање.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

Од друга страна, Fabia успева да ги апсорбира нерамнините од нашите улици, и само големите дупки пренесуваат несакани удари вибрации во кабината. Дампирањето е нагодено брзо и вешто да ги контролира несаканите движења, па Fabia може да се пофали со навистина завидно ниво на рафинираност во кабината.

Од сето ова, како што и можете да претпоставите, Fabia одлично се снаоѓа во градскиот метеж. Комбинацијата од лесно управување, одлична прегледност и асистенцијата од паркинг сензорите и паркинг камерата значи дека маневрирањето и паркирањето е лесно.

1-литарски MPI со 80 коњски сили

Ајде сега малку и за моторот. Во моментот на објавувањето на овој тест, на нашиот пазар Fabia се нуди само со 1-литарскиот MPi атмосферски бензинец со три цилиндри. Во нашиот случај, тој испорачува 80 коњски сили при 6300 вртежи во минута и 93 Nm вртежен момент од 3700 вртежи во минута. Силата ја испорачува кон предните тркала преку одличен и прецизен 5-степен мануелен менувач. Резултат на сето ова? Не-баш-врескачко забрзување од 0 до 100 километри на час кое трае 15.5 секунди, како и максимална брзина од 179 километри на час. Дали на Fabia подобро би ѝ прилегал некој TSI турбо-бензинец? Секако, и со задоволство би го одбрале пред овој атмосферец – но во контекстот на нештата, 1-литарскиот MPI не е воопшто лош.

Она кое изненадува е подготвеноста на малиот 3-цилиндерски бензинец да „заврти“ и да испорача перформанси во оние моменти кои се потребни. Да, во ред – нема перформанси на претек, но она кое се нуди е сосем доволно за градски автомобил, без притоа да треба да се ограби банка на секое полнење на резервоарот. За време на неколкудневното тестирање, измеривме градска потрошувачка од околу 7.5 литри бензин на 100 изминати километри.

Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

Сегментот на Fabia е конкурентен, но Škoda настапува со силни аргументи!

И по сето ова, се надеваме дека е јасно зошто кажуваме дека Fabia отиде во сосем нов сегмент. Комбинацијата од привлечен дизајн (со одличен коефициент на отпор на воздухот од 0.28 Cd), практична кабина со модерни технолошки решенија и одлична просторна понуда, како и зрело однесување зад воланот прави Fabia да не биде само „поевтина алтернатива“ туку да е достоен избор кој го заслужува вниманието. Сегментот во кој Fabia сега се натпреварува е навистина конкурентен – а Škoda настапува со силни аргументи.

Спецификации

Модел: Škoda Fabia 1.0 MPI 80 MT5 Style
Мотор: 1-литарски атмосферски бензинец
Моќност: 80 коњски сили / 6300 вртежи во минута
Вртежен Момент: 93 Nm / 3700 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 5 брзини
0-100 км/ч: 15.5 секунди
Максимална Брзина: 179 километри на час
Должина: 4108 mm
Ширина: 1954 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1459 mm
Тежина: 1116 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2564 mm
Багажен Простор: 380 – 1190 литри
Потрошувачка: 7.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Škoda Fabia 1.0 MPI 65 Active – 14.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Fabia 1.0 MPI 80 Style  – 18.460 Евра
Повеќе Информации: Škoda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.