ПРЕМИЕРА: „Осовниот“ Mercedes-AMG SL 43 има 2-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: „Осовниот“ Mercedes-AMG SL 43 има 2-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри!

Под поклопецот на спортскиот роудстер се крие 2-литарски турбо-бензинец со 4 цилиндри кој испорачува 381 коњска сила и 480 Nm вртежен момент – сосем доволни за катапултирање до 100 километри на час за 4.9 секунди!

Ревидираната варијанта на 4-цилиндерскиот турбо-бензинец кој Mercedes-AMG го вградува и во AMG-изведбите на А-класата испорачува 381 коњска сила при 6750 вртежи во минута и 480 Nm вртежен момент од 3250 до 5000 вртежи во минута. Моторот соработува со лајт-хибриден систем кој преку стартер-генераторот испорачува дополнителни 14 коњски сили на кратки интервали. Силата се испорачува кон задните тркала преку 9-брзинки MCT автоматски менувач – а сето тоа резултира со 100 километри на час за 4.9 секунди и максимални 275 километри на час. Од Mercedes-AMG кажуваат дека вака-опремениот роудстер троши меѓу 8.9 и 9.4 литри бензин на 100 изминати километри.

Интересен и важен новитет е и електричниот турбополнач – кој Mercedes кажува дека е прв кој се вградува во сериски автомобил. Турбополначот влече директно потекло од F1 болидите на Mercedes-AMG и всушност додава 4 сантиметри дебел електромотор директно на осовината на турбополначот. Овој електромотор директно го задвижува турбополначот и според Mercedes-AMG „значително го подобрува одзивот на моторот, како од мирување, така и низ целиот распон на вртежи.“

Како ќе го препознаете 4-цилиндерскиот SL? Визуелните измени се дискретни – како што и треба да бидат – па забележуваме само овални единечни (наместо правоаголни двојни) завршетоци на издувниот систем и нијанса помали тркала (но поголемите се достапни, секако).

Инаку – други разлики скоро и да нема. Mercedes-AMG SL 43 стандардно доаѓа со AMG Ride Control, AMG Dynamic Select со пет, односно шест режими на возење (ако одберете AMG Dynamic Plus), како и сите други системи и технологии кои германскиот производител ги нуди. Ние дефинитивно би го штиклирале Plus пакетот бидејќи вклучува и пониска суспензија, поцврсти носачи на моторот, заден диференцијал со ограничено пролизгување и уште неколку додатоци.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Електричниот Mercedes-Benz G-Class го има сиот вртежен момент на светот!

Инаку, SL и понатаму е привлечен и визуелно моќен роудстер. Силуетата е традиционална – долг преден дел, краток заден дел и широки предни и задни крила кои ја навестуваат динамичноста на моделот. Дизајнот на новиот SL го потпишува македонскиот дизајнер Славче Таневски.

За оние кои „кенкаат“ дека 4 цилиндри не припаѓаат во SL, ќе потсетиме дека првата генерација на спортското купе на Mercedes доаѓаше со 1.9-литарски четири цилиндерски атмосферски бензинец кој испорачуваше дури 105 коњски сили. За 50 години еволуција, четири пати повеќе моќност не е воопшто лошо, нели?

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.