ПРЕМИЕРА: Eletre е новиот електричен SUV на Lotus – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Eletre е новиот електричен SUV на Lotus

„Поедностави, па додади леснотија“ – изјавата  на Колин Чепмен по која Lotus се водеше години и години, сега е некако… Неважна?

Трендовите се такви какви што се – па дури и производител како Lotus не е имун на нив. Доказ за тоа е новиот електричен SUV кој се вика Eletre, и е првиот од три „лајфстајл електрични возила“ кои Lotus ќе ги претстави во следните неколку години. Новиот SUV ќе се продава во Европа и Кина веќе од следната година, а глобалната продажба (со акцент на САД) се очекува да започне во 2024.

Сепак, Eletre е важен модел за Lotus, бидејќи кај електричниот SUV дебитира платформа која британскиот бренд (кој сега е под капата на кинескиот гигант Geely) ќе ја искористи и за други електрични возила. Најавени се и други SUV модели, како и електричен седан. Интересно, името Eletre доаѓа од унгарски збор што значи „да оживее“ и според Lotus ја означува преродбата на брендот.

Инаку, Eletre е навистина огромен SUV – долг е повеќе од 5 метри, широк е повеќе од 2 метри, има меѓуоскино растојание од 3 метри а висок е само 1.6 метри – а ова наметнува интересни пропорции и кажува дека не е конвенционален SUV. Eletre е изграден со многу карбон и супер-лесен алуминиум, со цел да се намали тежината. Сепак, со оглед на тоа дека има батерија „со капацитет поголем од 100 kWh“, не очекуваме дека ќе биде лесен. Од Lotus кажуваат дека пристапот кон дизајнот е „порозен“, односно дека се дизајнирани соодветни дупки и отвори за намалување на тежината и за насочување на воздухот – а преку тоа и подобрување на аеродинамиката. Eletre изгледа динамично и агресивно, и како ниту еден друг досегашен модел на Lotus.

Од Lotus кажуваат дека Eletre ќе има најмалку 600 коњски сили – а тоа сугерира дека би можеле да видиме и помоќни верзии во иднина. Електричниот SUV стандардно ќе доаѓа со воздушна суспензија, а по нарачка ќе се добива и управување на задните тркала, активни стабилизатори и активен диференцијал со ограничено пролизгување. Сега за сега немаме информации околу електромоторите ниту околу батеријата, но официјалните податоци говорат за автономија од околу 600 километри и брзо полнење со максимална моќност од 350 kW. Перформанси? Lotus ветува 100 километри на час за помалку од 3 секунди и максимлани 257 километри на час.

Поврзано:  ВЕЧЕРНО КИНО: Lotus Evija X на Nürburgring

Секако, сето ова значи дека Eletre ќе биде голем и тежок електричен автомобил. Некои од познавачите шпекулираат дека ќе тежи повеќе од 2 тони – па дел од силата ќе доаѓа од самиот Колин Чепмен кој се превртува неколку илјади пати во минута во неговиот гроб.

Како што и очекуваме, Eletre ќе добие грст нови, напредни технологии за автономно управување и паркирање, итн. Кабината ги следи сите хај-тек трендови, а Eletre добива и Lidar технологии за полесно снаоѓање во околината. Во кабината доминираат спортските седишта и внимателно-дизајнираните елементи, како и не-баш-тркалезниот управувач. На централната конзола забележуваме голем, хоризонтален дисплеј, додека пред совозачот има помали екрани наменети да прикажуваат поважни информации. Ќе бидат достапни конфигурации со 4 или 5 седишта.

Lotus Eletre пристигнува следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.