O2 е новиот електричен концепт на Polestar – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

O2 е новиот електричен концепт на Polestar

Новиот O2 концепт е низок и секси спортски автомобил со две врати и подвижен кров, кој најавува спортски перформанси и доаѓа со вграден дрон!

Дизајнерскиот јазик веќе ги видовме на Polestar Precept, но сега интерпретацијата е уште подинамична и поспотска. Предниот дел е сличен, но сега забележуваме и прилично агресивен преден сплитер, големи тркала и нагласени странични крила, како и аглести дизајнерски елементи.

Сепак, O2 добива две наместо четири врати, но задржува 2+2 конфигурација во кабината. Платформата е идентична со онаа кај Precept, но е скратена за да се нагласат спортските карактеристики.

Кабината добива два екрани – еден голем, 15-инчен дисплеј на централната конзола, како и мал панел над управувачот. Според Polestar, пристапот е минималистички и луксузен. А додека уживате во луксузот, тука е малиот летечки дрон кој може да се лансира од самиот автомобил и може да го следи автомобилот при брзини до 90 километри на час. Возачот ќе може да снима видеа, да ги монтира и да ги прикаже на централниот дисплеј, како и да ги сподели на Интернет.

Според најавите од Polestar, O2 е само концепт и најверојатно нема да доживее сериско производство – барем не во оваа форма во која го гледаме сега, и сигурни сме дека дронот нема да биде дел од дополнителната опрема. Сепак, интересен концепт кој навистина му треба на Polestar за дополнително да се издвои од Volvo и да се наметне како бренд кој произведува електрични автомобили со високи перформанси. Нам ни изгледа одлично!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.