Продажбата на SUV модели постави нов рекорд во 2021 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Продажбата на SUV модели постави нов рекорд во 2021

Продажбата на автомобили во 2021 повторно почна да расте – глобално продажбата порасна за 4%, но продажбата на SUV модели порасна за дури 10%!

Во 2021, дури 45% од продадените возила биле некаков SUV модел (а во 2010 тој удел бил само 16.5%). Популарноста на SUV моделите и понатаму е силна – особено во САД, ширум Европа и во Индија. Интересно, во Кина се покажува тренд на стагнација на продажбата на SUV модели – што пак се должи на зголемената популарност на малите електрични возила.

Интересен е и трендот на зголемување на SUV-понудата и меѓу електричните возила. Во 2021, дури 55% од понудените електрични возила на пазарот биле некаков SUV – а во 2019 и 2020 тој удел изнесуваше 45%. За прв пат во историјата, електрификацијата на SUV модели е еднаква со електрификацијата на не-SUV модели. Се естимира дека во САД и ЕУ, е-SUV моделите имале удел од 55% во продажбата на електрични возила во 2021. На глобално ниво, повторно удел во „балансирање“ има Кина, каде мали електрифицирани (и електрични) возила чинат помалку од 10.000 Долари – нешто за кое ние во Европа можеме само да сонуваме.

Сепак, вреди да се напомене дека преку 98% од SUV моделите кои се возат по патиштата ширум светот се со конвенционални мотори со внатрешно согорување. Дополнително, SUV моделите се потешки и според истражувањата конзумираат околу 20% повеќе енергија од конвенционални автомобили. Флотата на SUV возила ширум светот е зголемена од 50 милиони возила во 2010, до околу 320 милиони возила во 2021 – односно вкупно колку сите возила во Европа.

Тоа ги прави SUV моделите да бидат меѓу најголемите производители на CO2 гасови во изминатата декада. Статистиките покажуваат дека емисијата на CO2 од конвенционални, не-SUV возила е намалена за околу 300 метрички тони од 2010 до 2021 (што се должи како на намалената продажба која отиде „на страната“ на SUV, така и на зголемената ефикасност на не-SUV возилата), додека кај SUV возилата е зголемена за 674 метрички тони.

Трендовите се несомнено интересни – купувачите ги сакаат придобивките од возењето SUV – прегледната возачка позиција и поголемата просторна понуда. Но дали на светот навистина му треба уште еден голем SUV?

Извор: IEA – International Energy Agency

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.