full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави електричниот Enyaq Coupe iV!

Škoda денес ја претстави електричната изведба на Enyaq iV, но дебитираше и моќниот, спортски Enyaq Coupe RS iV.

Подобрената аеродинамика е само една од придобивките од купеовската форма на Enyaq Coupe iV – електричното купе на Škoda има коефициент на отпор од само 0.234 cd. Enyaq Coupe iV ќе биде достапен со две батерии и со неколку различни погонски конфигурации. Батериите се со капацитет од 62 kWh (58 kWh достапни) или 82 kWh (77 kWh достапни), а во зависност од конфигурацијата Enyaq Coupe iV ќе доаѓа со 132, 150 или 195 kW.

Двата „послаби“ мотори располагаат со 310 Nm вртежен момент, додека помоќниот испорачува одлични 425 Nm вртежен момент. Во зависност од изведбата, електричниот SUV забрзува до 100 километри на час за 8.8, 8.7 односно рамно 7 секунди.

Доколку го нарачате Enyaq Coupe RS iV, тогаш системот ќе испорачува 220 kW (околу 300 коњски сили) и 460 Nm вртежен момент – а сето тоа овозможува 0-100 километри на час за 6.5 секунди, како и максимални 180 километри на час.

Во зависност од конфигурацијата која ќе ја одберете, Enyaq Coupe iV ќе може да помине до 525 километри со едно полнење на батериите, кои патем сега се полнат од 10 до 80% за 29 минути, а со домашен полнач со моќност од 11 kW батериите се полнат за шест до осум часа.

Инаку, купеовската форма одлично му прилега на Enyaq Coupe iV – големиот електричен SUV изгледа уште поиздолжен и подинамичен. Острите задни светла само ја нагласуваат динамичноста на Coupe iV, додека на предниот дел вниманието го задржуваат широките предни светла, централната маска (која може да биде осветлена) и нагласените аеро-елементи.

Во кабината забележуваме голем централно-поставен дисплеј и спортски управувач. Инженерите од Škoda се фалат со користење на рециклирани материјали, а ќе бидат достапни и неколку специјални изведби на кабината – обичниот Enyaq Coupe iV ќе може да се нарача со стандарден или Sportline црн ентериер, а Coupe RS iV е достапен со две ексклузивни Design Selections изведби. Двете опции добиваат карбонски детали, но RS Lounge изведбата добива седишта обвиени во Suedia микрофибер и контрастни детали, додека RS Suite добива седишта обвиени во перфорирана кожа со сиви детали и уште неколку детали.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Škoda се ребрендира и го претстави новиот Vision 7S!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.