ПАНОРАМА: Да го разгледаме плаг-ин хибридниот погон на Jeep Wrangler 4xe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПАНОРАМА: Да го разгледаме плаг-ин хибридниот погон на Jeep Wrangler 4xe

Новиот Jeep Wrangler 4xe е најмоќниот, најефикасниот, еколошки-најприфатливиот и технолошки најнапредниот Wrangler во историјата – па ајде да го разгледаме неговиот погон.

Плаг-ин хибрдините возила нудат навистина привлечна комбинација – од една страна нудат моќ и перформанси на кои многу други модели можат да им позавидат, а од друга страна се исклучително ефикасни и штедливи кога станува збор за потрошувачката на гориво.

Под „кожата“ на Wrangler 4xe се крие погонски систем кој комбинира два електромотори со 2-литарски турбо-бензинец и 8-брзински автоматски менувач. Сето ова овозможува возење во идеална тишина од една страна, односно врвни 4х4 перформанси од друга.

Во согласност со традицијата на Jeep, новиот Wrangler 4xe е „100% незапирлив.“ Комбинацијата од 2-литарски турбо-бензинец, електромотори и напреден, супер-способен погон на сите четири тркала гарантира дека нема место каде не може да отиде. Турбо-бензинецот испорачува 270 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, а електромоторите испорачуваат дополнителни 45, односно 135 коњски сили. Вкупната, системска моќност е моќни 380 коњски сили и уште помоќни 637 Nm вртежен момент! Сето ова значи дека Wrangler 4xe забрзува до 100 километри на час за само 6.4 секунди, а истовремено може да помине повеќе од 50 километри на струја (според урбаниот тест на WLTP) – повеќе од доволно за дневните потреби.

Првиот електромотор е поставен пред моторот и го заменува конвенционалниот алтернатор. Овој мотор е поврзан преку ремен до моторот и нуди дополнителен вртежен момент, го контролира старт-стоп системот и генерира струја за батерискиот модул. Вториот мотор е вграден во менувачката кутија и го заменува конвенционалниот конвертер на вртежен момент кој е дел од автоматскиот менувач. Две спојки ја управуваат силата и вртежниот момент кои доаѓаат од електромоторот и моторот со внатрешно согорување – првата спојка е поставена меѓу двете компоненти и кога е декативирана, Wrangler 4xe може да се движи на електрична енергија бидејќи нема никаква механичка врска меѓу конвенционалниот мотор и електромоторот.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Jeep Avenger 4xe e хибриден SUV со погон на сите четири тркала

Батеријата е со 96 ќелии и капацитет од 17 kWh, а со домашен полнач со моќност од 7.4 kWh се полни за помалку од три часа. Секако, тука е и Max Regen функционалноста за понагласено полнење при успорување на големиот теренец. Системот овозможува и временски ограничено полнење – па можете да го нагодите полначот да работи само кога е „евтина струја“, односно ноќе. Батеријата е во специјално куќиште изработено од алуминиум, со напреден систем за греење и ладење, за батеријата да биде во оптимален режим на работа во сите услови.

Секако, благодарение на сите овие технологии, достапни се и неколку нови режими на работа кои го влечат максимумот од плаг-ин хибридниот погон.

Hybrid е примарниот режим на работа. Во овој режим, погонот ќе преферира да работи на струја, но во оние моменти кога батеријата ќе се испразни под одредено ниво или возачот ќе побара повеќе моќ од Wragler 4xe, тогаш ќе се активира и бензинскиот мотор.

Electric режимот работи слично, но наметнува уште повеќе внимание кон возењето на струја. Само во случај на притискање на педалата за гас „до даска“ ќе се активира бензинецот.

E-Save режимот е интересен бидејќи тука се дава приоритет на бензинецот, за да се одржи нивото на батеријата или пак да се дополни. Доколку изберете Battery Save, тогаш системот ќе го задржи тековното ниво на батеријата, а доколку одберете Battery Charge, тогаш системот ќе ја наполни батеријата до 80% преку вградениот комбиниран генератор.

Сето ова го прави Wrangler 4xe да биде особено интересен. Се надеваме дека набргу ќе имаме можност да го возиме, а во меѓувреме за повеќе информации посетете го салонот на Jeep или пак официјаната веб-страница на Jeep Македонија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.