Од почетокот на следната година, знаменосецот на Mercedes-Benz легално ќе смее да вози самостојно по германските улици и патишта.
Што значи автономно управување од трето ниво? Накратко, значи дека возачот ќе смее целосно да ги тргне рацете од управувачот и да се занимава со нешто друго – ќе може да гледа филм, да разгледа весник или да се позанимава со нешто друго. Секако – постојат некакви ограничувања (на пример, автомобилот нема да смее да се движи без возач во него, очигледно), но со оглед на тоа дека ова за прв пат се дозволува во Германија, сигурни сме дека сè е детално проверено.
Сепак, сега за сега, системот ќе може да функционира само на одредени делови од германскиот аутобан, и тоа при брзини до 60 километри на час. Но во процес се дополнителни тестирања – како во Германија, така и во САД и Кина, а сето тоа би требало да резултира со побрзо и пошироко прифаќање на технологиите.
Добро, но во што е разликата меѓу системот на Mercedes-Benz, и другите извикани системи – како на пример оној на Tesla? Согласно технолошките достигнувања и легислативата, системите на другите производители (па и оној на Tesla) се до второ ниво на автономија, а оној на Mercedes-Benz е веќе на третото ниво. Тоа значи дека автомобилот може самиот да промени коловозна лента и да заобиколи препрека, додека другите системи не можат. Системот ја следи околината и за прв пат, не се очекува од возачот да обрнува внимание. Секако, автомобилот ќе го предупреди возачот доколку забележи нешто кое бара внимание – но во суштина, системот може сам да си „брка работа“.
На самиот старт, Drive Pilot (така се вика автономниот систем на Mercedes) ќе функционира на безмалку 13.200 километри од германските патишта. Системот на Mercedes-Benz комбинира Lidar, радар, предни и задни камери како и систем за навигација за да ги препознае сите случувања околу автомобилот. Дополнително, вграден е и микрофон кој ќе ги препознае возилата на брза помош, а вграден е и сензор за влажност кој дополнително ќе ги следи атмосферските услови и ќе го прилагоди автомобилот за возење во влажни услови.
Кога сме веќе кај GPS системот за навигација – Drive Pilot системот користи детално мапирање на улиците кое е значително понапредно од стандардните GPS системи во автомобилите. Податоците симулираат тродимензионален приказ на околината на автомобилот – овој приказ доаѓа и од самиот автомобил, но и од голем датацентар на Mercedes-Benz. Да, автомобилот е цело време поврзан на интернет, за да може во реално време да ги освежува податоците.
Сега за сега, системот ќе функционира само во Германија, но очекуваме дека наскоро ќе профункционира и во други земји.