Дејан Христов создаде концепт за офроуд верзија на електричниот Microlino – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дејан Христов создаде концепт за офроуд верзија на електричниот Microlino

Македонскиот дизајнер Дејан Христов во соработка со Српскиот инженер Владимир Матијашевиќ создадоа студија за офроуд изведба на електричниот микро автомобил, инспириран од BMW Isetta.

Производството на Microlino треба да започне оваа година, а тој е замислен како мал електричен автомобил. Сепак, визијата на Македонско-Српското дуо го претвара во вистински способен теренец, опремен со шатор за кампување во дивината.

Многу важен елемент во креирањето на овој концепт бил да се задржи оргиналната форма на Microlino, но со цел малиот автомобил да може да се справи со потежок терен, поставен е на целосно нова платформа. Како што е вообичаено кај електричните модели, таа ги вдомува батериите, а нејзиното меѓуоскино растојание е зголемено на 1.89 метри.

Електричните мотори се сместени во 16-инчните тркала, што овозможува висок степен на флексибилност и едноставна распределба на вртежниот момент. Автомобилот би можел да биде погонуван на сите или само на задните тркала.

Бидејќи теренските тркала се многу големи за полумесеците на каросеријата на Microlino, тие се поставени понадвор, со што значително се зголемува трагот на возилото. Поиздадените тркала малку ќе ја намалат маневрабилноста во градовите, но поради поширокиот траг тие овозможуваат поголема стабилност и го прават позабавен карактерот на малиот теренец.

Заштитниот кафез, кој изгледа како надворешен скелет и го заштитува целото возило од надвор, обезбедува поголема сигурност и крутост. За заштита на каросеријата од динамички оптеретувања, тој е поврзан со платформата преку гумени буфери.

Концептот има агол на пристап од 50 степени напред и позади, како и околу 26 центиметри растојание од подлогата. Багажот може да биде прикачен на каросеријата во форма на два куфери.

Дејан Христов и Владимир Матијашевиќ веќе го испратија нивниот предлог за офроуд верзија на Microlino до менаџерите на компанијата и други потенцијални производители. Сепак, предлогот сеуште не е прифатен, но се надеваме дека наскоро ќе биде. Навистина би било интересно да ја видиме и оваа „погруба“ верзија од микромобилот на улиците низ светот.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.