ABT го засили Cupra Leon на 370 коњски сили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ABT го засили Cupra Leon на 370 коњски сили

Германската компанија претстави тјунинг пакет за најсилната изведба на Leon, кој го прави посилен и од Golf R.

Пакетот е наменет за 2-литарскиот TSI турбо-бензинец, сместен како во хечбекот, така и во караванот, а носи подобрувања на перформансите и управувањето. Во иднина, се очекува ABT да претстави и надградба за електрифицираниот 1.4-литарски агрегат на Cupra Leon e-Hybrid.

Со рекалибрација на компјутерската единица, тие успеале да извлечат 360 кс во компактниот Leon и 370 кс во караванот. И кај двата модели, вртежниот момент е зголемен на 450 Nm. Ова ги прави околу 50 кс и 50 Nm посилни од стандардната верзија.

За потсетување, пократкиот Leon има погон само на предните тркала, додека Leon Sportstourer ја испорачува силата кон сите четири тркала преку седум-степен DSG менувач. ABT не ги објави бројките од забрзувањето, но тие сигурно ќе бидат подобри од фабричките модели, од кои компактниот Leon забрзува од 0-100 км/ч за 5.7 секунди, додека караванот постигнува 100км/ч за само 4.7 секунди.

Покрај зголемувањето на силата, тјунерската компанија нуди и 20-инчни ABT Sport GT алуминиумски фелни, достапни во мат или сјајна боја, а се обвиени во пневматици со профил 235/30 R20. На крај, потврдата ABT суспензија го приближува Cupra Leon за 30 милиметри кон подлогата и го подобрува управувањето во свиоци.

Целиот тјунинг пакет на ABT, вклучувајќи го засилувањето на моторот, тркалата и суспензијата се нуди по цена од 5,990 евра, без трошоците за инсталацијата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.