ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави луксузниот и блиндиран S 680 Guard 4MATIC – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави луксузниот и блиндиран S 680 Guard 4MATIC

Германскиот бренд го претстави новиот S 680 Guard 4MATIC, кој е наменет првенствено за бизнис лидери, познати личности и шефови на држави.

Моделот се базира на изведбата со продолжено меѓуоскино растојание и ја исполнува VPAM VR10 сертификацијата. Тоа е највисокото ниво на балистичка заштита за цивилни возила, што значи дека може да поднесе истрели од огнено оружје и некои видови на експлозиви.

Наместо вообичаеното интегрирање на заштитни материјали во стандардната S-class, инженерите ја измениле целата каросерија да нуди подобра заштита во споредба со претходниот Guard модел. Прозорците се дебели 10 центиметри, а автомобилот вози на Michelin Pax run-flat пневматици кои можат да се користат до 30 километри по нивно дупнување.

Другите промени од стандардната S-Class вклучуваат хидраулични прозорци, што значи дека тие сеуште ќе работат доколку главната електроника откаже по вооружен напад. Mercedes исто така морале да ги прилагодат менувачот и управувањето за подобро да се носат со дополнителната тежина од блиндирањето. Кога станува збор за неа, најверојатно новата Guard изведба тежи над 4.2 тони.

Под нејзиниот поклопец се наоѓа 6.0-литарскиот V12 агрегат со 604 кс и 830 Nm, усогласен со систем за погон на сите тркала. Максималната брзина на S 680 Guard е електронски ограничена на 190 км/ч поради огромната тежина.

Неговата кабина може да се добие конфигурација од четири или пет седишта, заедно со вграден резервар за кислород, во случај нешто да тргне наопаку.

За производство на еден примерок од S 680 Guard е потребен 51 ден, а Германските весници објавуваат дека нема да биде лансирана и лимузинска Guard Pullman верзија, бидејќи оваа верзија со продолжено меѓуоскино растојание ќе биде единствената блиндирана опција.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Електричниот Mercedes-Benz G-Class го има сиот вртежен момент на светот!

Цената на блиндираниот и луксузен Mercedes-Benz ќе започнува од околу 550,400 евра, што е слично како цената на неговиот претходник.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.