ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 308 – добива нов дизајн, нова платформа, нови плаг-ин хибридни погони и нови технологии! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 308 – добива нов дизајн, нова платформа, нови плаг-ин хибридни погони и нови технологии!

Новиот 308 воведува толку многу новитети, што од Peugeot со право кажуваат дека 308 е новиот лик на Peugeot!

Целосно-новиот Peugeot 308 е поставен на најновата, трета генерација на EMP2 платформата на Stellantis. Тоа му овозможува на 308 не само да порасне, туку и да добие грст нови технологии кои засега беа резервирани само за поголемите – и поскапи – сегменти. Колку е поголем 308? Ќе кажеме само дека меѓуоскиното растојание е продолжено за цели 55 милиметри, дека автомобилот е подолг за цели 11 сантиметри, но и дека кровот е спуштен за 20 милиметри со што се обезбедува значително подинамична линија. Секако, новиот 308 е првиот модел кој го носи новото, неодамна претставено лого на брендот.

Покрај логото, на предниот дел забележуваме тенки и широки LED светла, како и остри LED дневни светла. Сите изведби на 308 ќе добијат LED светла, додека врвните GT и GT Premium изведби ќе добијат интелигентни Matrix LED светла. Профилот на новиот 308 е остар и динамичен, со нагласени мускулести елементи, додека на задниот дел добиваме едноделна светлосна група со препознатливите три светлосни елементи во облик на лавја канџа.

Сè на сè – дизајнот е модерен, заострен и привлечен, и одлично изгледа во оваа зелена боја! Од Peugeot напоменуваат дека многу е работено на аеродинамиката на новиот 308 и дека каросеријата е повлечена што е можно повеќе кон структурните елементи.

Ентериерот е темелно редизајниран и главниот збор – повторно – го има i-Cockpit системот на Peugeot, тука претставен во неговата најнова итерација. Пред возачот се поставени дигитални инструменти (кои можат да бидат и 3D) на 10-инчен екран, а на централната конзола има уште еден 10-инчен дисплеј кој се користи за инфозабавните функции во автомобилот. Под нив забележуваме кратенки до некои од најважните функции, како и физички контроли.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!

Од Peugeot напоменуваат дека i-Connect пакетот кој дебитира со 308 овозоможува 8 различни возачки профили, безжично пресликување на мобилниот телефон и уште многу други функционалности.

Кога сме кај технологиите – 308 добива Drive Assist пакет со адаптивен темпомат, Stop & Go, систем за следење на коловозната лента, систем за полуавтоматско менување на коловозната лента, систем за препознавање на дозволената брзина, систем за адаптирање на брзината во свиоци, систем за следење на слепата точка, гласовни команди преку наредбата OK Peugeot, и многу, многу повеќе. Сакате премиум аудио уред? Нема проблем, можете да нарачате Focal аудио систем со 10 звучници. Сето ова го прави новиот 308 еден од технолошки-најнапредните автомобили во сегментот.

И секако, не би можеле да зборуваме за технологиите, без да зборуваме и за моторите. За прв пат, 308 ќе се нуди со две хибридни варијанти. Првата варијанта ја носи ознаката Hybrid 180 e-EAT8 и оваа верзија комбинира 150-коњски турбо-бензинец со електромотор од 81 kW кој овозможува 60 километри автономија на електрична енергија. Втората варијанта – која во моментов е и знаменосец на новиот 308 – ја носи ознаката Hybrid 225 e-EAT8 и оваа изведба комбинира 180-коњски турбо-бензинец со истиот електромотор и исто така поминува околу 60 километри на електрична енергија. Обете верзии користат литиум-јонска батерија со капацитет од 12.4 kWh.

Секако, во понудата ќе има и конвенционални мотори – тука е 1.2-литарскиот PureTech турбо-бензинец со 110 или 130 коњски сили, како и 1.5-литарскиот BlueHDI со 130 коњски сили. Основниот бензинец може да се добие само со мануелене менувач со шест брзини, додека другите мотори може да се добијат и со EAT8 автоматски менувач.

Новиот Peugeot 308 ќе се произведува во фабриката на Peugeot во Mulhouse и ќе биде достапен во втората половина на оваа година.

Поврзано:   Peugeot најавува интегриран ChatGPT во целата гама и 8-годишна гаранција за Е-3008


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.