Финскиот производител го привршува својот нов, модерен и технолошки-напреден тест-центар во Шпанија, каде ќе тестира пневматици во екстремни услови и при брзини до 300 километри на час.
Новиот тест-центар на Nokian е во Santa Cruz de la Zarza во Шпанија, но нема да биде само обичен тест центар, туку ќе има и други намени. Новиот, напреден комплекс, покрај за тестирање, ќе се користи и за развој, обуки, лансирање на продукти, но и посети од партнери и соработници. Комплексот започна со изградба во 2018 а ќе биде комплетиран оваа година. Ова е трет тест центар на Nokian – брендот веќе има 700-хектарски комплекс во Ивало во Финска, како и локацика во близина на главните канцеларии во Нокиа.
Целиот објект е поставен на 300 хектари површина и има 10 различни патеки за тестирање на перформансите на пневматиците. Најдолгата, овална патека е долга 7 километри и овозможува тестирање при брзини до 300 километри на час, а планот е објектот да се користи за тестирање 365 денови во годината. Секако, тука ќе се тестира управувањето на суво, но и на мокро, а ќе се тестира и сопирањето, како и аквапланингот. Од Nokian напоменуваат дека ќе се тестираат и зимски пневматици, за да се проверат и осигураат нивните безбедносни карактеристики.
Интересно, од Nokian додаваат дека во развојниот дел на новиот тест центар ќе се истражува и опцијата да се користи Guayule растението за еколошко производство на гуми. Дополнително, центарот има многу еколошки технологии – на пример користи повеќе од 1000 соларни панели, водата се рециклира, а објектите се во бела боја за да не се загреваат прекумерно.
Возилата кои ќе се користат во рамките на центарот се електрични, а дополнително одвоени се 25 хектари за заштита на животинскиот свет – направени се специјални објекти за гнездење на јастреби и бувови, и слично.
Новиот комплекс е развиен во соработка со двократниот светски F1 шампион, Мика Хакинен. Тој напоменува дека квалитетните пневматици нудат одлична респонзивност и функционираат како на ниски, така и на високи брзини. Дополнително, додаде дека Nokian Powerproof се фантастични пневматици кои послушно ги слушаат наредбите на возачот. Nokian Powerproof пневматиците ја имаа таа чест да го завртат првиот круг околу 7-километарската овална патека, токму со Мика Хакинен зад управувачот!
Застапници на Nokian во Македонија се нашите пријатели од Мотоцентар.