ТЕСТ: Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 – Belissima turbo benzina! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 – Belissima turbo benzina!

Италијанците секогаш ги правеле работите некако… Поинакви! Подобри. Е сега – зошто мислиме дека Giulietta во комбинација со 1.4-литарскиот турбо-бензинец  е скриен скапоцен камен во понудата на Alfa Romeo?

Веќе добро ја познаваме Giulietta – пред околу година и половина се појави на нашите страници опремена со 1.6-литарки турбодизел и уште тогаш ни остави позитивни впечатоци. Да, Giulietta не е најновиот модел на пазарот – всушност се продава веќе подолго време – но низ годините изгради репутација на забавен, доверлив и неизмерно шармантен автомобил кој заслужени ги освои симпатиите на многумина.

Денес повторно ќе зборуваме за Alfa Romeo Giulietta, но овој пат за Giulietta опремена со основниот, 1.4-литарски турбо-бензинец кој испорачува 120 коњски сили. И не само тоа, туку ќе се обидеме да објасниме зошто токму оваа комбинација е скриениот скапоцен камен во понудата на италијанскиот бренд.

Препознатлив Alfa Romeo дизајн.

Хечбекот кој е секојдневна слика на нашите улици сè уште го привлекува вниманието. Ни се допаѓа црвената боја, а ни се допаѓаат и деталите – широките колкови и ставот кој на Giulietta ѝ овозможува да изгледа како да е подготвена да скокне.

На предниот дел сè уште се истакнува карактеристичната Alfa Romeo маска, додека профилот е дури купеовски благодарение на скриените рачки на задните врати. Сепак, најверојатно би одбрале број-два поголеми тркала за поубаво да бидат пополнети крилата и ставот да е уште подинамичен и поспортски.

Кабина каде примарниот фокус е кон уживањето во возењето!

Влегуваме внатре во Giulietta и нè пречекува комфорна и изненадувачки просторна кабина. Како што напоменавме и минатиот пат – атмосферата во кабината на Giulietta е типично-италијанска – седењето е ниско, седиштата „ве гушкаат“ и најважните команди за уживање – управувачот, менувачот и педалите се одлично поставени. Управувачот одлично „лежи“ но вистинскиот шампион тука е менувачот, односно рачката од менувачот – „топката“ е едноставно фантастична.

Пред возачот се поставени јасните аналогни инструменти, додека на централната конзола вниманието го привлекува новиот мултимедијален уред кој овозможува лесно поврзување со мобилен телефон, но и Android Auto и Apple CarPlay функционалности. Под него се поставени контролите за клима уредот, а пред менувачот е и DNA селекторот, кој вистински ја трансформира Giulietta.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Повторно ќе спомнеме дека на задната клупа е како во скоро сите други автомобили од оваа класа – има простор за двајца, во „шкрипец“ и за тројца, но не би препорачале таква конфигурација на подолги релации. И навистина – тоа е тоа. Giulietta е одлично-подготвена да ја игра улогата на практичен и комфорен семеен хечбек. Забелешки на ентериерот? Имаме, секако – на Giulietta веќе „ѝ се познаваат годините“ во кабината – некои од материјалите се цврсти и веќе има нови трендови, и би сакале уште малку прилагодување на управувачот по височина и длабочина, но на Giulietta не ѝ недостасува ништо важно.

Вистинското изненадување е под хаубата…

Сепак, Giulietta е во вистинско светло кога ќе посакате да ги оставите здодевните „семејни обврски“ настрана и да уживате во возењето. Тогаш на DNA селекторот одбирате D и Giulietta се трансформира. Малиот 1.4-литарски турбо-бензинец цели високо, високо над својата класа и како да испорачува повеќе од декларираните 120 коњски сили и 215 Nm вртежен момент.

Подготвеноста со која Giulietta реагира на секое притискање на педалата за гас едноставно ги засенува конкурентите, а звукот кој излегува од задниот дел е изненадувачки забавен. Во време на анемични, дури и би рекле задушени мотори кои се сè поанонимни само за да се задоволат сè построгите еко-норми, ваквиот жив и вокален турбо-бензинец станува вистинска реткост. Браво Alfa Romeo! Belissima! Официјалните податоци говорат за забрзување до 100 километри на час за 9.4 секунди и максимални 195 километри на час – но во возење Giulietta како да е… Побрза!

Giulietta ги наградува талентираните возачи, а аматерите ги прави да изгледаат подобро. Giulietta е онаа вистинската кога DNA селекторот е во D – тогаш и управувањето е подинамично и Giulietta флуидно се движи од свиок во свиок, верно ги следи инструкциите и изнудува онакви добри, од-уво-до-уво насмевки. А бидејќи во предниот дел нема тежок турбодизел кој само ќе го влече носот, туку лесен бензинец, Giulietta се чувствува остра, прецизна и подготвена да го игра оној танц од еден свиок во друг.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

А ако мислите дека сето тоа резултира со „пенали“ на бензинските пумпи – верувајте, ќе згрешите! Потрошувачката лесно може да порасне, секако – но бидете цивилизирани дами и господа, и индикаторот нема да надмине 8.5 литри на 100 изминати километри.

Но зошто Giulietta со 1.4-литарскиот турбо-бензинец е скриен скапоцен камен во понудата на Alfa Romeo?

И сега, ајде да го одговориме прашањето – зошто Giulietta со 1.4-литарскиот турбо-бензинец со скриениот скапоцен камен во понудата на Alfa Romeo? Затоа што оваа комбинација нуди интересна златна средина – перформансите се повеќе од адекватни и звукот е забавен, а од друга страна лесно ги исполнува секојдневните задачи на практичен хечбек. И уште кога ќе ја земеме цената предвид… Скапоцен камен, слушајте нè!

Спецификации

Модел: Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 Super
Мотор: 1.4-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 120 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 215 Nm / 2500 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.4 секунди
Максимална Брзина: 195 километри на час
Должина: 4351 mm
Ширина: 1798 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1465 mm
Тежина: 1280 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2634 mm
Багажен Простор: 350 литри
Потрошувачка: 8.4 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 – 14.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120  – 18.759 Евра
НАПОМЕНА: Во моментот на објавувањето на овој тест, конкретното возило се нуди по специјална цена од 16.507 Евра.
Повеќе Информации: Alfaromeo.mk

Димензии

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.