ИНТЕРВЈУ: Ивана Манчева Михајловска и Душан Пјевац од Еуроимпекс – По градските улици ќе гледаме сè повеќе електрични возила! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ИНТЕРВЈУ: Ивана Манчева Михајловска и Душан Пјевац од Еуроимпекс – По градските улици ќе гледаме сè повеќе електрични возила!

Зборувавме со Ивана Манчева Михајловска и Душан Пјевац од Еуроимпекс, а тема на дискусијата е електрификацијата на автомобилите, електричните возила, како и предизвиците со кои ќе се соочуваме при поттикнувањето на користењето на овие современи возила.

Во следните неколку месеци ќе направиме серија дискусии со претставници на автомобилската индустрија во Македонија, како и други компании и субјекти кои се директно инволвирани во промовирањето на електрифицираните и електричните автомобили. Неодамна зборувавме со Ивана Манчева Михајловска, Маркетинг директор и заменик извршен директор во Еуроимпекс, како и Душан Пјевац, национален технички директор во истата компанија.

Да започнеме со основното прашање – како беше направена одлуката да започнете да работите со електрични и плаг-ин хибридни возила на нашиот, а и на регионалните пазари?

ИММ:  Многу едноставно – тоа е глобално движење и тренд кон иднината. Ја следиме политиката и стратегијата на работење на PSA групацијата. Во време кога другите автомобилски производители произведуваат посебен електричен модел, PSA донесе многу храбра одлука, а тоа е да се произведува 100% електрична верзија од секој модел. Истата беше донесена со цел да им се обезбеди на клиентите можност на избор или #PowerOfChoice.

Сега, покрај основните мотори на внатрешно согорување (бензин и дизел) клиентот ќе има можност за избор повеќе. Имајте в предвид дека е навистина голем предизвик да се конструира возило на електричен погон, задржувајќи го истиот изглед на моделот и истиот конфор кој внатрешната кабина го има. Во моментот кога имавме опција за да се направат нарачки за електрични и Plug-In хибридни возила, започнавме да ги понудуваме и на регионалниот пазар.

Имено, знаејќи ги предностите кои ги носи електрификацијата навистина немавме дилема дека сакаме да сме дел од таа приказна. Најпрво поради подпомагање на еколошката свест, борба против загадувањето и лесното одржување на возилото. Затоа решивме не само да донесеме електрично возило туку и да го регистрираме, со цел да бидеме доследни кон нашите клиенти. Да можат и да го тестираат возилото и да ја почувствуваат разликата и можностите кои ги нуди електричниот мотор. Бидејќи едуцирањето започнува од нив самите. Сосема е поинаку кога ќе можете да го пробате моторот и да видите кои можности ги нуди. Па така Новиот Peugeot е-208 е на располагање на клиентите.

Какви се предизвиците на ова поле кои стојат пред Вас како компанија? Дали веќе се работи на подобрување на вашата сопствена инфраструктура, но и на дополнителна обука на персоналот?

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

ДП: Да, електричните возила се иднина на автомобилската индустрија. Електричните машини целосно ќе ги потиснат моторите на внатрешно согорување и во блиска иднина ќе станат главен двигател на сувоземните транспортни средства. Ние веќе работиме на промена на инфраструктурата во рамките на компанијата. Односно веќе имаме поставено два полу-брзи трофазни електрични полначи од 22kW кои за сега ги задоволуваат нашите потреби. Исто така дополнително е поставена електрична инсталација за уште 3 полу-брзи полначи кои ќе се постават дополнително со зголемувањето и развојот на пазарот за електрични возила. Исто така дополнително е поставена електрична инсталација за уште 3 полу-брзи полначи кои дополнително ќе се постават, како што ќе се зголемува и развива пазарот за електрични возила.

Обуката на персоналот е континуирана и постојана, работиме на тоа уште од првиот ден кога започна производството на електрични возила во Peugeot. Но, не застануваме тука – продолжуваме со обуките и понатака, како и примената на наученото во пракса. Првиот дел од обуката за сите технички лица е завршен, а во тек е обуката за лицата (електричарите) кои ќе работат директно на електричните возила каде има висок напон, при што се користат посебни инструменти и уреди за испитување на инсталацијата и уредите под висок напон, кои се одобрени од производителот Peugeot. Се работи на 100%-на експертиза, со цел да сме спремни за нашите идни клиенти кои ќе одлучат да станат дел од приказната.

Каква е информираноста и комуникацијата со клиентите на оваа тематика и какви се предизвиците кога купувач ќе дојде во продажниот салон?

ИММ: Комуникацијата со клиентите секогаш ни била добра страна – посебно сега кога се во ек социјалните медиуми и целосното Online огласување. Соодветно на тоа, преносот на информацијата не ни доаѓа тешко. Но, делот со едукацијата на клиентите е делот на кој што работиме во континуитет. Зборувам за оној момент кога доаѓа нешто ново, непознато и за многу луѓе „сомнително“. Нашиот клиент е таков да секогаш кон нешто ново пристапува со доза на недоверба. Но, тоа е сосема во ред.

Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

Мислам дека патот кон иднината кој што ни го овозможуваат производителите ќе го изодиме заедно во чекор со нашите клиенти. И нема тука ништо спорно. Потребно е време, да научиме, да пробаме, да поверуваме, да го прифатиме и да го засакаме. Прашањата кои ги добиваме од страна на клиентот кога ќе пристапи во салон се различни. Од најмало познавање за електрификацијата до најголема начитаност и подготвеност стекната на Интернет :). Љубопитностa постои. Некои потенцијални клиенти едноставно сакаат да направат тест возење на електрично возило и покрај тоа што во нивниот фокус е купување на возило со мотор со внатрешно согорување.

Дали Еуроимпекс на купувачите на плаг-ин хибридни и електрични возила од гамата на брендовите кои ги застапува, ќе им понуди инсталација на полнач за овие возила во нивните домови?

ДП: Возилото се испорачува од Peugeot со еднофазен наизменичен полнач од 1,8 kW, како и кабел за полнење во домашни услови на обичен приклучок. Во однос на инсталација на полначите за електрични возила, нашата помош е техничка и советодавна кон клиентите, а во иднина планираме да ја понудуваме оваа опција. Производителот на сопствениците на електрични возила им нуди назименични електрични полначи. Тие полначи може да бидат монофазни со моќност од 3,7 kW и 7.4 kW и трофазни со моќност од 11 kW и 22 kW.

Сите заеднички треба да работиме на едукација на популацијата и градење на јавното мислење кога станува збор за електричните и плаг-ин хибридните возила. Каква е тука вашата стратегија?

ИММ: Нашата стратегија е тесно поврзана со генералната стратегија на Брендот, со таа разлика што сепак ние сме помал пазар и менталитетот на населението како и инфраструктурата играат многу важна улога при носење на било какви одлуки. Тука треба да ја земеме предвид и куповната моќ на населението наспроти ценовното чинење на електричното возило. Да не заборавиме на субвенционирањето од страна на државата кое што кај нас сè уште го нема… Се надеваме во иднина ќе се поработи на оваа проблематика.

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

Затоа кога ја креираме стратегијата мора да ги имаме предвид сите овие елементи. Во основа – во оваа да ја наречам прва фаза – сме во фаза на „едукација на јавноста“ и ширење на информации за електрификацијата. Што всушност добиваме со користење на EV, колку се намалуваат трошоците на долг рок при минималната потреба од одржување и сервисирње на тоа возило и полнењето на струја кое е секако олеснителна финансиска ставка итн…

Тука многу е важно да се спомене автономијата на 100% електричниот Peugeot е-208. Овој модел има опсег до 340km. Тоа укажува на фактот дека вие можете да тргнете од Скопје кон Охрид и да пристигнете без потребата од полнење по пат – притоа земајќи ги во предвид сите елементи кои можат да влијаат на автономијата како што се временските услови, оптовареност на возилото, режим на возење и тн…

Секако за оние кои се сè уште скептични – ние ја понудуваме и комбинираната опција која ја има кај Plug in хибридите (Peugeot 3008, 508, 508 SW и 508 Sport Engineered).

PSA е очигледно во насока на забрзана електрификација на сите модели – со оглед на регионалното пристуство на Еуроимпекс, дали мислите дека можеме да очекуваме некаков пресврт кај навиките на купувачите?

Регионалното присуство на Еуроимпекс на пазарот секако дека ни ја дава можноста регионално да влијаеме на пазари кои имаат сличен менталитет, степен на информираност и куповна моќ. Но сепак – земајќи ги предвид сите елементи – промените секако ќе настапат, но со поспоро движење.

Навиките на купувачите многу се имаат изменето. Особено за Peugeot Брендот можам со сигурност да кажам дека со движењето на моделите кон премиум сегментот ние се обративме кон нова целна група на клиенти, со нови навики, потреби и начин на живот.

Па така и сега очекуваме дека за нецели 5 години свеста на купувачите ќе биде целосно променета. Можеби нема да земе преголем замав електрификацијата на Балканот, но по градските улици сè повеќе ќе гледаме електрични возила. Тоа нè радува и сме спремни за настапување на втората фаза – а тоа е „користење на придобивките од електрификацијата“.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.