Новата Pagani Huayra Tricolore оддава почит на Италијанската Аеробатска Патрола – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новата Pagani Huayra Tricolore оддава почит на Италијанската Аеробатска Патрола

Pagani ја претстави специјалната Huayra Tricolore, направена по повод 60 годишнината на најголемата аеробатска патрола во светот.

Исто како претходната изведба на моделот Zonda Tricolore, којa ја одбележа 50 годишнината на истата воздухопловна дивизија, така и оваа Huayra Tricolore ќе биде произведена во само три примероци, а секој од нив чини 5.5 милиони евра без вклучен данок.

Новата специјална изведба се одликува со редизајнирана каросерија инспирирана и дотерана во боите на џет авионот Aermacchi MC0339A P.A.N. на Frecce Tricolori патролата.

Главно ориентирана кон аеродинамиката, Huayra Tricolore располага со поистакнат преден сплитер и изменет преден браник за максимална потисна сила и подобрена ефикасност на интеркулерот.

Додаден е и нов елемент за довод на воздух кон моторот, поставен над главите на патниците во автомобилот. Задниот дифузер е дополнително оптимизиран, а новиот спојлер има подобрена аеродинамика.

Дизајнерски гледано, држачите на задниот спојлер имаат слична форма како задната перка на џет авионот, и во сличен стил се украсени со број. Тука се и нов сет на алуминиумски тркала со дизајн на турбина, како и нови анодизирани алуминиумски предни светла и рамки на страничните отвори за воздух.

Најинтересниот елемент кај новата Huayra Tricolore се наоѓа на централниот дел од предниот поклопец, каде е поставена Пито цевка – инструмент кој се користи во авионите за да ја измери макроскопската воздушна брзина и да ја одреди нивната аеродинамичка состојба.

Во кабината на специјалниот модел, сите алуминиумски делови се направени од алуминиумски материјали кои се користат во воздухопловната индустрија и се обработени, пред да бидат анодизирани во нивната впечатлива сина боја. Седиштата се тапацирани во ексклузивен двобоен сино-бел дезен, со кожни додатоци во црвена, бела и зелена боја – исто како Италијанското знаме.

На инструмент таблата е додаден Анемометар, кој работи заедно со надворешната Пито цевка за да ја покаже брзината на воздухот и да ве направи да се чувствувате како Том Круз во Топ Ган.

Pagani Huayra Tricolore е погонуван од најновата верзија на V12 агрегатот со потекло од Mercedes, кој произведува 840 кс и 1,100 Nm вртежен момент. Усогласен е со седум-степена секвенцијална трансмисија со електромеханички диференцијал.

Шасијата е направена од Карбо-Титаниум и Карбо-Триакс, благодарение на што е постигнато значително подобрување во крутоста. Новата суспензија со електронски контролирани амортизери и елементите со активна аеродинамика ќе придонесат за врвни перформанси при секакви услови.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.