ПРЕМИЕРА: Hyundai го претстави радикалниот нов Tucson! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Hyundai го претстави радикалниот нов Tucson!

Hyundai ја претстави најновата генерација на супер-популарниот Tucson, кој покрај новиот дизајн, добива и нови мотори, како и многу нови технологии!

Веќе имавме некаква идеја за тоа како ќе изгледа новиот Tucson заради тизерите кои Hyundai ги објави, но сега веќе можеме да кажеме дека дизајнот на новиот модел е навистина импресивен – новиот Tucson изгледа модерно, свежо и навистина радикално. Новиот Tucson ги следи Sensuous Sportiness насоките на Hyundai, но оди чекор понатаму и применува детали кои се како од друга планета – како на пример новите Parametric Hidden Lights на предниот дел, скоро купеовскиот страничен профил и привлечните, тродимензионални светлосни елементи на задниот дел.

Навистина ја цениме храброста на дизајнерите на Hyundai – тековниот модел на Tucson веќе ни изгледаше добро, но новиот изгледа одлично! Дизајнерите и инженерите посветиле многу внимание на тоа дизајнот да биде „чист“ – па дури и бришачот на задното стакло е скриен во задниот спојлер кога не се користи, за линиите да не бидат нарушени. Браво!

Инаку, екстериерот ќе може да се персонализира – Tucson ќе се нуди во девет бои (од кои три се целосно-нови), а некои бои ќе можат да се комбинираат и со црн кров. Секако, ќе може да се добие со тркала во димензии од 17 до 19 инчи, а понатаму ќе го добиеме и спортскиот Tucson N Line. Од Hyundai не кажуваат ништо за уште поспортскиот Tucson N, но веќе знаеме дека „се крчка“

Сличен радикален пристап е применет и во ентериерот – одделите за возачот и со возачот се целосно одвоени визуелно се спојуваат во централната конзола, во која е поставен 10.25-инчен мултимедијален уред. Пристапот е минималистички, па многу од традиционалните контроли се заменети со помодерни и поедноставни, а пред возачот има уште еден дигитален панел на кој се поставени инструментите.

Поврзано:   Hyundai Staria добива хибридна опција

Tucson добива и многу, многу нови системи за асистенција – Forward Colission-Avoidance Assist, Highway Driving Assist, темпомат кој соработува со навигацијата, интелигентен лимитер на максималната брзина, системи за следење на слепата точка, асистенција за паркирање, автоматски долги светла, систем за следење на сообраќајот позади автомобилот и многу, многу повеќе.

Во Европа, Tucson ќе се нуди со три електрифицирани погони и два конвенционални мотори со внатрешно согорување, како и четири различни менувачи. Хибридната верзија комбинира 1.6-литарски Smartstream T-GDI турбо-бензинец со електромотор од 44.2 kW и батерија со капацитет од 1.49 kWh. Оваа верзија се комбинира со 6-степен автоматски менувач и може да се добие со погон на предните или сите четири тркала. Воедно, сега за сега ова е најмоќната конфигурација на новиот Tucson со 240 коњски сили. Од Hyundai веќе најавија плаг-ин хибридна верзија на овој погон со 265 коњски сили, која ќе биде понудена на пазарот следната година.

Купувачите можат да одберат и меѓу три различни модели со 48-волтна, лајт-хибридна технологија – 1.6-литарски T-GDI Smartstream турбо-бензинец со 150 или 180 коњски сили, како и 1.6-литарски CRDi Smartstream турбодизел со 136 коњски сили. Основниот бензинец може да се добие само со погон на предните тркала, додека другите два мотори со погон на предните или пак на сите четири тркала. Сите мотори ќе можат да се комбинираат со мануелен или автоматски менувач.

Конечно, во понудата ќе се најдат и конвенционалните мотори без хибридна асистенција, во форма на 1.6-литарскиот T-GDI со 150 коњски сили, мануелен менувач и погон на предните или сите четири тркала, како и 1.6-литарскиот CRDi со 115 коњски сили, шест-степен мануелен менувач и погон на предните тркала.

Новиот Tucson ќе биде достапен на домашниот пазар веќе од овој месец, а лансирањето во Европа и другите пазари ширум светот е планирано за почетокот на следната година. Како и досега, моделите за европскиот пазар ќе се произведуват во Hyundai Motor Manufacturing Czech фабриката на корејскиот гигант во Ношовице, Чешка.

Поврзано:   Hyundai го освежи Bayon за 2024 година


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.