ПРЕМИЕРА: Jeep го претстави плаг-ин хибридниот Wrangler 4xe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Jeep го претстави плаг-ин хибридниот Wrangler 4xe

Jeep продолжува со електрификацијата на својата гама – и тоа токму со плаг-ин хибридната верзија на ненадминливиот Wrangler!

Американскиот бренд веќе интензивно работи на електрификацијата на својата гама – веќе се претставени Renegade 4xe и Compass 4xe, а денес ја гледаме премиерата на Wrangler 4xe.

Плаг-ин хибридниот Wrangler комбинира 2-литарски турбо-бензинец со два електромотори и литиум-јонска батерија со капацитет од 17 kWh, за да располага со вкупна, системска моќност од 380 коњски сили и импресивни 637 Nm вртежен момент. Сето ова ветува дека Wrangler 4xe ќе биде исклучително компетентен надвор од асфалтот.

Инаку, Wrangler 4xe ќе се нуди во три различни изведби – 4xe, Sahara 4xe и Rubicon 4xe. Првите две изведби стандардно ќе добијат погон на сите четири тркала и други теренски компоненти, но Rubicon 4xe покрај очекуваните системи и диференцијали ќе добие и Rock-Trac систем, електрично заклучување на предната и задната оска, како и можност за дисконектирање на стабилизаторите за уште поголемо движење на суспензијата.

Со полна батерија, ќе можете да поминете до 40 километри на електрична енергија, а ќе бидат достапни и уште неколку други режими на возење. Секако, имате можност и за регенеративно кочење со што се полни батеријата.

Плаг-ин хибридниот Wrangler ќе го препознаете по сините детали на каросеријата, но и во кабината. Инаку – ова е добро-познатиот и легендарен Wrangler. Каков што и треба да биде!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.