Освежената Panamera добива затегнат дизајн, помоќни мотори и нови погонски конфигурации!
Освежената Panamera ќе ја препознаете преку дискретно-затегнатиот дизајн – SportDesign пакетот сега е стандарден кај сите изведби, а некои модели добиваат поагресивни браници и засебен светлосен потпис. Најголемите измени се на задниот дел – Panamera добива целосно-редизајнирани, едноделни задни светла со нова графика. Меѓу другото, достапни се и нови бои, како и нови дизајни за 20 и 21-инчните тркала со кои може да се добие Panamera.
Но најважните измени се под поклопецот – Panamera Turbo „оди во пензија“ а на нејзино место доаѓа Panamera Turbo S, која од 4-литарскиот твин-турбо V8 извлекува дури 630 коњски сили и 820 Nm вртежен момент – цели 80 коњски сили и 50 Nm повеќе. Со сето ова, Panamera Turbo S забрзува до 100 километри на час за само 3.1 секунда и постигнува максимална брзина од 315 километри на час.
Интересен новитет е и Panamera 4S E-Hybrid, која комбинира 2.9-литарски твин-турбо V6 (кој испорачува 440 коњски сили) со 136-коњски електромотори, за вкупна системска моќност од 560 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. „Стотка“ пристинува за 3.7 секунди, максималната брзина е безмалку 300 километри на час и може да помине 55 километри на електрична енергија.
Секако, во понудата остануваат Panamera GTS, Panamera и Panamera 4. Panamera GTS сега има 480 коњски сили и 620 Nm благодарение на надградениот V8, додека Panamera и Panamera 4 користат сега користат 2.9-литарски би-турбо V6 С 330 коњски сили и 450 Nm вртежен момент.
Кабината на освежената Panamera добива нов управувач со лопатки за менување брзини, а можностите за конфигурирање и персонализирање како на надворешноста, така и на ентериерот се скоро бесконечни. Нарачките за освежената Panamera се веќе отворени, а првите примероци ќе бидат испорачани во Октомври.