Британскиот супер-луксузен бренд ќе произведе само 50 примероци од Dawn Silver Bullet, а сите возила ќе бидат направени по детални спецификации од купувачите.
Од Rolls Royce кажуваат дека специјалната, Brewster Silver металик боја на Dawn Silver Bullet „оддава почит на легендарните авантуристички автомобили од минатото“ – какви што беа Silver Dawn, Silver King, Silver Silence и Silver Spectre. Dawn Silver Bullet добива специјален аеро поклопец и веќе не е модел со четири седишта, туку модел само со две. Овој супер-луксузен роудстер има помускулест и подинамичен изглед, а поклопецот е наменет подобро да го насочува воздухот над кабината.
„Dawn Silver Bullet е модерна интерпретацина на класичниот дух на роудстерите и нивното возачко искуство. Им нуди на возачите беспрекорна комбинација од мир и софистицираност, како и чувство на бескомпромисна слобода.“
Сите примероци ќе го добијат и Sinister пакетот за надворешност кој вклучува затемнети предни светла, затемнети отвори за воздух на предниот браник и уште неколку други темни детали, а тркалата се делумно полирани со ексклузивни детали. Rolls Royce Dawn е придвижуван од 6.6-литарски твин-турбо V12 бензинец кој испорачува 570 коњски сили и 820 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Има и помоќна верзија која ја носи ознаката Black Badge, која има 600 коњски сили и 840 Nm вртежен момент.
Нема никакви информации за цената – но да бидеме искрени, не е ни важна.