full screen background image
Search

Преработениот Aston Martin Vanquish на Ian Callum влегува во сериско производство

Преработениот автомобил се вика Aston Martin Callum Vanquish 25 by R-Reforged и ќе биде произведен во само 25 примероци.

Несекојдневната соработка меѓу поранешниот дизајнер на Jaguar и швајцарската компанија R-Reforged резултираше со Aston Martin Callum Vanquish 25 by R-Reforged. Проектот беше најавен пред нешто помалку од една година, а денес веќе е претставен и финалниот автомобил кој ќе оди во сериско – но сепак екстремно-ограничено – производство од само 25 примероци.

Преработениот V12 Vanquish добива нова суспензија, скоро целосно-ревидирано подвозје, поцврсти анти-рол зацврстувања, како и Michelin Pilot Sport пневматици специјално развиени за овој модел. Трагот на тркалата е поширок за цели 60 милиметри, и автомбилот е 10 милиметри поблиску до подлогата. Одличниот, 5.9-литарски V12 е доработен да испорачува 580 коњски сили, а силата ја испорачува кон задните тркала преку мануелен менувач!

Секако, дизајнерот Ian Callum му посвети малку внимание на екстериерот на новиот автомобил, па Callum Vanquish добива поголеми отвори за воздух, редизајниран заден браник, како и нови предни и задни светла кои користат LED светилки.  Кабината добива редизајниран управувач, пониско седење, нови материјали, супер-квалитетна кожа од Bridge of Weir Leather Company и многу, многу ситни измени и освежувања. На централната конзола е поставен и скапоцен џебен часовник од Bremont кој можете да го извадите и да го земете со вас, а ќе добиете и специјален пакет куфери наменети токму за овој автомобил.

Купувачите ќе можат да го добијат својот автомобил во било која боја, а достапни се 8 различни пакети за детали на екстериерот, како и три разични дизајни за 20-инчните тркала. Производството ќе започне во Септември, а првите возила ќе бидат наменети за купувачи во Европа.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.