Процесот на спојување на двата автомобилски гиганти продолжува – тие објавија дека заедничката компанија ќе се вика Stellantis.
Според официјалната изјава од PSA и FCA, името доаѓа од латинскиот глагол „Stello“, кој значи „да се осветли со ѕвезди.“ Дополнително, кажуваат дека „ова е ново и амбициозно приближување на историски автомобилски брендови и силни компаниски култури, со чие спојување се креира еден од новите лидери во следната ера на мобилноста, а истовремено се зачувува сета исклучителна вредност, како и вредносите на деловите од кои се креира.“
Понатаму, додаваат дека „Латинскиот извор на името оддава почит на богатата историја на компаниите-основачи, додека евоцирањето на астрономијата го нагласува вистинскиот дух на оптимизам, енергија и обнова кој е позади ова спојување кое ќе ја измени индустријата.“
Официјалното спојување на FCA и PSA се очекува да биде завршено во првата четвртина од 2021.