Lexus го освежи знаменосецот LS – и го направи уште покомфорен и технолошки понапреден! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lexus го освежи знаменосецот LS – и го направи уште покомфорен и технолошки понапреден!

Големиот Lexus LS беше претставен во 2017, а јапонскиот бренд веќе подготви прилично сериозно освежување за луксузниот седан.

Визуелните измени започнуваат со целосно-редизајнираниот преден дел, кој сега наликува на нешто помалиот IS. Предните светла се со три елементи, а добиваат и дневни светла во форма на буквата L.

Измените на предниот дел ги заокружуваме со редизајниран преден браник кој добива и малку редизајнирана маска на ладилникот. Други драстични измени нема – оние со поостар вид ќе забележат мало затегнување на линиите и на задниот дел – задните светла имаат нов светлосен потпис, воведени се некои нови дизајни за тркалата достапни се неколку нови бои, и тоа е тоа.

Кабината добива нов, 12.3-инчен мултимедијален уред кој доаѓа со SmartDeviceLink компатибилност, како и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Управувачот добива дискретен редизајн, а мало освежување добива и централната конзола. Освежениот LS го добива и Lexus Teammate системот за асистенција при возење, кој користи прилично напреден систем за вештачка интелигенција.

Овој систем прво ќе биде воведен во понудата во Јапонија, а потоа ќе се понуди и на другите пазари. Системот ја следи коловозната лента, одржува растојание меѓу возилата, но може и самиот да вози, да претекнува, да менува коловозни ленти, итн.

Многу внимание е посветено на подобрување на комфорот – па седиштата добиваат подлабоки точки на шиење, како и некои нови материјали во нив – па со тоа се уште помеки и покомфорни. Дополнително, суспензијата добива адаптивна варијабилна компонента, со која уште повеќе се истакнува комфорот на големиот седан. Всушност, инженерите на Lexus отишле чекор понапред и ги редизајнирале дупките во носачите на моторот за целосно да ги елиминираат вибрациите кои се пренесуваат во кабината. Но – како што би рекле во рекламите на телевизија – тоа не е сè! Сите верзии на Lexus LS добиваат Active Noise Control систем кој ги елиминира сите шумови, а хибридната верзија добива рекалибриран менувач за тргнување при пониски вртежи – и со тоа да се намали бучавоста во кабината. Во деталите е мајсторијата!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.