ПРЕМИЕРА: Официјално, ова се новите супер-модерни, супер-хај-тек Citroën C4 и ë-C4! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Официјално, ова се новите супер-модерни, супер-хај-тек Citroën C4 и ë-C4!

Citroën пред две седмици ги објави првите фотографии од новиот C4, како и електричниот ë-C4, а денес на ексклузивен дигитален настан ги добивме сите детали околу новите француски автомобили.

Привлечниот и модерен дизајн на новиот C4 е во сржта на сегментот, а Citroen сака да го продолжи успехот – францускиот бренд е најбрзорастечкиот меѓу најпродаваните 12 европски брендови.

Целосно-новиот C4 е поставен на новата CMP платформа, а тоа му овозможува на Citroen веднаш да го понуди новиот модел со конвенционални, бензински и дизелски мотори, или пак со напреден, електричен погон. Електричниот погон е со моќност од 100 kW, односно 136 коњски сили и според WLTP мерењата може да понуди автономија од 350 километри со едно полнење.

Дополнително, со пристап до доволно брз полнач, за само 10 минути ќе имате доволно во батериите (со вкупен капацитет од 50 kWh) за да поминете 100 километри – а според Citroen, ова е идеално за урбаните возачи, како и за оние кои имаат подолго возење до работа. Секако, во понудата ќе се најдат и турбо-бензински и турбодизел мотори од најновата генерација кои ги исполнуваат Euro 6d стандардите. Бензинците се со моќност од 100 до 155 коњски сили, додека дизелите имаат меѓу 110 и 130 коњски сили.

Со новиот C4, Citroen сака да постави нови стандарди кога станува збор за комфорот – па C4 ги добива сите Citroen Advanced Comfort технологии. Тука се прогресивните перничиња кои се дел од суспензијата и супер-комфорните седишта со нови материјали. Но комфорот има и нова димензија – односно просторната понуда на C4, а севкупната приказна за комфорот оди и чекор понатаму кај ултра-рафинираниот ë-C4. Токму електричната верзија ќе биде идеално-комфорна, бидејќи од електричниот погон нема никакви вибрации.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

Од Citroen кажуваат дека многу внимание е посветено на лесното користење на разните технологии кои се дел од автомобилот, а интересен новитет е и држачот за таблет поставен пред совозачот. Во кабината има 10-инчен мултимедијален уред преку кој се контролираат главните функционалности на автомобилот, а тука се и дигиталните инструменти пред возачот. Пред возачот има и Head-Up Дисплеј на кој се прикажуваат главните информации околу возењето.

Дизајнот е храбар и прогресивен – посветено е многу внимание на јасните површини, но и на техничките детали. Токму со новиот C4, Citroen ја најавува својата идна дизајнерска насока. Кросоверскиот став, големите тркала и зголеменото растојание од подлогата ги следат тековните трендови и барања на купувачите, а флуидниот, купеовски дизајн е храбар чекор напред на францускиот бренд кон идните модели кои ќе ги нуди. C4 ќе биде и меѓу најдарежливите кога станува збор за просторна понуда во багажникот – багажникот е со капацитет од 380, односно 1250 литри со спуштени задни седишта.

Продажбата ќе започне до крајот на ова лето, а првите примероци ќе бидат испорачани до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.