ПРЕМИЕРА: Opel ја претстави новата електрична и енергетична Mokka! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel ја претстави новата електрична и енергетична Mokka!

Исто како и Corsa, Opel одлучи прво да ја претстави новата Mokka како електричен автомобил.

Новата Mokka е навистина важна за Opel – покрај тоа што ќе биде достапна како електричен модел, но и со конвенционални мотори со внатрешно согорување, Mokka официјално воведува и нов, сосем различен дизајнерски јазик за брендот.

„Новата Mokka ги привлекува погледите и ќе ја смени перцепцијата за брендот. Со Mokka го рекреираме Opel и го претставуваме нашиот дизајнерски јазик за следната декада. Mokka ги покажува сите работи кои брендот ги застапува сега и ќе ги застапува во иднина – Mokka е забавна, ефикасна и иновативна во сите аспекти, и совршено ги отелотворува вредностите на Opel – возбудлива, достапна, германска. Ова е првиот Opel кој од самиот старт е достапен како електричен модел и е вистински доказ дека Opel станува електричен.“ – изјави Michael Lohnscheller, извршниот директор на Opel.

На предниот дел го гледаме новиот дизајнерски елемент на Opel, кој се вика Vizor. Едноделната предна маска има навистина уникатен лик – и ни се допаѓа! Vizor го сочинуваат централниот дел на маската и острите предни светла. Под нив се поставени вертикалните дневни светла, а браникот има скулптурна форма. Профилот е низок и скоро купеовски, а на задниот дел вниманието го задржуваат острите задни светла, големата моделска ознака на вратата од багажникот и централно-поставениот симбол на Opel.

Новата Mokka има за нијанса подолго меѓуоскино растојание од минатиот модел, но е цели 12.5 сантиметри пократка – а тоа ѝ дава динамичен и робустен лик. Вкупно е долга 4.15 метри и според Opel е супер-лесна за маневрирање во урбаната средина. Mokka добива нови IntelliLux LED matrix светла со 14 елементи и сите изведби на Mokka стандардно ќе доаѓаат со LED светла напред и позади.

Поврзано:   Opel најавува важен новитет - Frontera се враќа!

Кабината добива гоооооолем и интересен кокпит со два големи дигитални панели – оној пред возачот е со дијагонала од 12.5 инчи. Од Opel кажуваат дека намерно се задржани физички контроли за некои функции, со цел да се обезбеди интуитивно користење и да се овозможи континуиран фокус на возачот кон патот. Овој „едноделен“ елемент го носи името PurePanel и е завртен кон возачот, со цел да се подобри возачкото искуство. Во зависност од одбраната конфигурација, централниот дисплеј може да биде со дијагонала од 7, односно 10 инчи. Секако, тука е и поддршката за Android Auto и Apple CarPlay.

Mokka е поставена на CMP платформата на PSA и во старт добива електромотор со 136 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Батеријата е со капацитет од 50 kWh и овозможува автономија до 322 километри според WLTP мерењата кога е во Normal режим на возење а достапни се и Eco и Sport режими. Новата платформа овозможува и намалена тежина – новата Mokka е до 120 килограми полесна од минатата. Од Opel кажуваат дека батеријата ќе биде со гаранција од 8 години и дека ако имате пристап до брз полнач со моќност од 100 kW, можете да ја наполните батеријата до 80% за само 30 минути.

Продажбата ќе започне кон крајот на ова лето а првите примероци ќе бидат испорачани на почетокот на следната година. Секако, најавени се и ефикасни турбо-бензински и турбодизел мотори.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.